На 20 и 21 мај 2025 година, во срцето на Амстердам, се одржа еден од најпрестижните саеми за приватна марка во светот – PLMA’s World of Private Label. Во оваа динамична атмосфера на иновација и глобални можности, Виталиа – македонскиот бренд што веќе три децении го дефинира концептот на здрава исхрана – повторно покажа зошто е еден од највлијателните играчи на европскиот пазар.
Штандот на Виталиа привлече внимание не само со модерниот изглед, туку и со внимателно избрана селекција на производи што ги одразуваат најновите трендови во функционалната и здравата храна. Најголем интерес предизвика протеинската линија, особено протеинската гранола и премиум протеинските барови, производи кои го балансираат високото ниво на протеини со исклучителен вкус и едноставност за секојдневна консумација.
Не помалку значаен беше и интересот за Пробиотската линија, која ја потенцира улогата на нутриционизмот во поддршката на дигестивното здравје, како и за најновата Детска Линија “Happy Little Adventures”, со која Виталиа воспоставува нови стандарди за здрава исхрана кај најмладите.


Саемот беше и платформа за премиера на неколку новитети од категоријата на солени грицки. Покрај иновативниот Протеински Микс – Protein Trail Mix, солена закуска со 26% протеин наменета за активниот, современ потрошувач, беа претставени и новите здрави чипсови, создадени со сосема нова производствена линија и технологија. Овие производи, базирани на киноа, леќа, ориз и пченка, нудат револуционерен пристап во светот на грицките, каде вкусот и нутритивната вредност одат рака под рака.
Посебен момент за Виталиа беше учеството во New Product Expo зоната, просторот на саемот резервиран за најиновативните производи од целиот свет. Конкуренцијата во оваа зона беше силна и прецизно селектирана, што го прави вклучувањето на Виталиа доказ за нејзината визионерска стратегија и улогата како двигател на иновациите во индустријата. Во оваа елитна категорија, Виталиа го претстави своето темно чоколадо со 85% какао и адаптогени печурки – производ кој комбинира врвен вкус со функционални состојки за фокус, енергија и внатрешен баланс, и тоа без додаден шеќер.
Со над 3.100 изложувачи од 70 земји и повеќе од 19.000 професионални посетители, присуството на PLMA Amsterdam 2025 беше уште една потврда дека Виталиа не само што го следи глобалниот развој, туку и го предводи. Преку иновација, квалитет и конзистентна посветеност кон здравјето, Виталиа продолжува да инспирира и да гради глобални партнерства – останувајќи доследна на својата мисија: да го направи здравиот начин на исхрана достапен за секого.

