Четворица средношколци од Кочани, Сара Николова, Матеа Саздова, Миа Андреева и Велинчо Ќитанов се инвентори на еколошка, органска паста за чистење RISONIC, направена од оризова лушпа. Фактот дека, во градот на оризот, лушпата секоја година се пали и ги загадува воздухот и почвата, за овие млади луѓе било мотивација да се возобнови традиционалниот и заборавен рецепт за правење средство за чистење, а лушпата од отпад да стане ресурс.
Нивното иновативно решение веќе е препознаено по својата уникатност, квалитет и потенцијал за развој, заради што и беше победник на националниот натпревар „Најдобар бизнис концепт за зелени иновации 2025“, наменет за средношколци, освои и второ место на POPRI International во Грција, а влезе и во петте најдобри глобални финалисти на предизвикот Green Innovation Challenge.
Новинар – Сања Наумовска
Каков продукт е RIZONIC?
Миа: RISONIC е паста за чистење направена од еколошки и органски материи. Главната состојка е оризовата лушпа, која со помош на печење и тлеење се претвора во светло розов прав. Пастата е како абразивно средство за чистење, може да се користи на било какви површини, не е штетна за околината, луѓето и животните, што нам ни беше главната цел. Продуктот го тестиравме на работна површина во кујната, на садови и прибор за јадење, како и плочки. Исто така беше тестиран и на масата во емисијата „Топ тема“ на Телма ☺.
Вашиот проект RIZONIC и производот беа избрани како победник на националниот натпревар „Најдобар бизнис концепт за зелени иновации 2025“, наменет за средношколци, а освои и второ место на POPRI International. Какви беа овие искуства за вас?
Матеа: Со националниот натпревар „Најдобар бизнис концепт за зелени иновации 2025“ имаме искуство од минатата година. За жал, тогаш не се пласиравме на ниедно од првите места, па тоа ни беше мотивација, на еден начин, повторно да се обидеме и да направиме подобри резултати. Со знаењето стекнато од претходната година во врска со начинот на одвивање на натпреварот, како и што треба да истражиме во врска со нашата идеја, ни беше многу полесно да аплицираме оваа година. Ние сме ученици од смерот Компјутерска техника и автоматика и не изучуваме предмет во врска со бизнис, па за нас ова беше предизвик.
Кога го освоивме првото место оваа година прво бевме во неверување бидејќи тоа го сметавме за недостижно, не само ние туку и другите околку нас. На националниот натпревар имаше голема конкуренција од успешни приватни и државни училишта, и нашиот успех беше навистина неверојатен.
На меѓународниот натпревар POPRI се пласиравме како најдобри на нашиот национален натпревар. Тука учествуваа тимови од пет европски земји, така што и таму се сретнавме со голема конкуренција. Презентирањето на POPRI траеше пет минути со дополнителни пет минути за прашања од жири. Тоа ни претставуваше голем предизвик, бидејќи е малку време за да го претставиме нашиот производ, но сепак сметаме дека тоа го направивме на најдобар начин. Членовите на жирито беа изненадени и воодушевени со нашата идеја што не направи многу среќни и задоволни. Кога не прогласија на второ место бевме пресреќни и изненадени бидејќи, како што кажавме, имаше голема конкуренција со генијални идеи.
Со помош на овие натпревари се стекнавме со знаење во врска со создавање на сопствен бизнис, организирање на финансиите за бизнисот, работење во тим, презентирање и други вештини. Освен тоа на интернационалниот натпревар се запознавме со амбициозни средношколци од други земји, разменувавме искуства, запознававме култури, се забавувавме, што мислам дека е важен дел од натпреварот и сето ова доживување.

Како дојдовте на идеја да произведете паста за чистење од оризова лушпа?
Велинчо: Главна цел ни беше да направиме производ со кој би се пријавиле на Националниот натпревар за зелени бизнис идеи за средношколци. Производот требаше да биде еколошки, да не наштетува на природата, или да го намали загадувањето. Ние сме од Кочани и познати сме по нашиот ориз. За жал, секоја година лушпата од оризот се фрла и пали бидејќи не може да се разгради во почвата. Ова е огромен проблем кој предизвикува пожари и големо загадување на воздухот. Постарите генерации ни имаа кажувано дека во минатото вакво средство се правело само од лушпата од оризот. Сепак, не било направено како бренд или производ, и со текот на времето се заборавило. Ние сакавме да ја оживееме идејата бидејќи сметавме дека е навистина одлична, од отпад да направиме средство за чистење.
Така, на националниот натпревар се пријавивме само со правот од оризовата лушпа. Со оваа идеја го освоивме првото место. За натпреварот POPRI ја подобривме идејата со цел да не биде лесно копирана. Имавме помош од центарот за знаење Knowledge Center, како и хемичарка која ни даваше совети за подобрување на производот со природни и еколошки материи. Па така дојдовме до нашиот производ, пастата за чистење.
Колку време работевте на развој на идејата и кои ви беа најголемите предизвици за тоа време?
Сара: Работевме околу еден и пол месец на развојот на идејата за RIZONIC. Целото време беше исполнето со постојани истражувања, проби и подобрувања. На почетокот тргнавме само со идејата за искористување на оризовата лушпа како отпад кој може да се претвори во нешто корисно. Првите неколку недели ги поминавме во истражување за својствата на лушпата, како и нејзината еколошка вредност. Потоа преминавме на експерименти – ја тлеевме, ја печевме, ја мешавме со различни природни состојки, се додека не ја добивме вистинската формула за паста која има абразивна моќ, но не ја оштетува површината.
Најголем предизвик ни беше тоа што не потекнуваме од економска или хемиска насока, па мораше многу да учиме од почеток – и за материјалите и за изработка на бизнис план, маркетинг, презентација пред жири и слично. Но токму тоа не мотивираше – сакавме да покажеме дека со труд и добра идеја, дури и кога немаш предзнаења, можеш да направиш нешто креативно и корисно.
Голема улога во нашата работа имаше и менторството. Имавме поддршка од нашата професорка Роза Војновска, како и од Андријана Богдановска од тимот на Knowledge Center, од кои што добивме конкретни насоки како да го развиваме производот и да го претставиме како функционален бизнис концепт. Особено ни помогна и хемичарката Снежана Јорданова, која ни даде совети за безбедни, природни и биоразградливи состојки што ќе го подобрат производот.
Понекогаш беше тешко да ги усогласиме обврските од училиште со времето потребно за проектот, но работевме како тим и си помагавме меѓусебно. Научивме дека за еден ваков проект не е потребна само добра идеја, туку и дисциплина, посветеност, трпение и комуникација. На крајот, кога го видовме резултатот, сето тоа ни се исплатеше.

RIZONIC е избран за еден од 5-те најдобри глобални финалисти на предизвикот Green Innovation Challenge. Какви се вашите желби и очекувања?
Матеа: Самото тоа што сме избрани меѓу 5-те најдобри финалисти на глобално ниво за нас е огромна чест и признание. Тоа значи дека нашата идеја не само што е препознаена во нашата земја и регионот, туку има потенцијал и на светско ниво. Желбата ни е пред сè да ја претставиме нашата идеја на најдобар можен начин, да покажеме колку труд, посветеност и љубов вложивме во неа.
Очекуваме ова искуство да ни отвори нови можности – за поддршка, за учење, за вмрежување со други иноватори, и секако, за развој на RIZONIC како реален производ на пазарот. Се надеваме дека преку ова финале ќе ја добиеме потребната видливост и можеби потенцијални соработници или инвеститори што ќе ни помогнат да ја прошириме нашата идеја.
Без разлика на исходот, ние веќе се чувствуваме како победници бидејќи покажавме дека младите луѓе, дури и од мали средини, можат да создадат иновации кои имаат глобално значење.
Какви се вашите планови за во иднина, поврзани со продуктот, но и со работата во истражување и иновирање?
Сара: Имаме големи амбиции за иднината, особено кога станува збор за развојот на RIZONIC. Прво, сакаме да го усовршиме производот уште повеќе поточно да ја подобриме неговата формула, пакување и да го тестираме на поширок спектар на површини. Целта ни е да го сертифицираме како целосно безбеден и еколошки производ, и со тоа да може да се пласира на пазарот.
Размислуваме и за развој на нови производи базирани на истиот принцип, искористување на отпадни природни материјали за создавање на корисни, одржливи решенија. Исто така, би сакале да се вклучиме во повеќе иницијативи и програми поврзани со еко иновации, бидејќи сметаме дека младите треба да имаат глас и улога во креирањето на поодржлива иднина.
Ова искуство не’ поттикна да продолжиме да размислуваме иновативно, да истражуваме и да создаваме. Иако ние доаѓаме од техничка насока, сега знаеме дека иновациите не познаваат граници, доволна е идеја, тимска работа и мотивација за да се постигне многу.

Какви се вашите лични желби, за себе, за иднината..?
Сара: Отсекогаш ме привлекувале светот на технологијата и креативноста, и затоа се одлучив за програмирање како сегашна насока на учење во СОУ „Гошо Викентиев“ во Кочани. Во иднина, планирам да ги продолжам студиите во Скопје или во странство, но со отворен ум кон различни можности. Верувам дека токму преку комбинирање на различни вештини можеме да дојдеме до нови, креативни решенија и да направиме разлика. Сакам да работам на предизвици, постојано да учам, да се развивам и да создадам нешто што има вредност и за мене и за околината. Патувањата, различните култури и јазиците ми се голема инспирација. Работата на RIZONIC и сите натпревари на кои учествувавме ми дадоа самодоверба, нови вештини и мотивација да продолжам уште поамбициозно понатаму.
Матеа: Во моменот сум ученичка во средно училиште, каде што изучувам компјутерска техника и автоматика, со фокус на програмирање. Во иднина размислувам да продолжам во областа на програмирањето или да се насочам кон електроинженерството. Би сакала да студирам надвор од државата, со цел да стекнам нови знаења и искуства.
Мојата желба е да работам во области поврзани со електротехниката или машинството. Во слободно време сакам да практикувам јога, читам книги и цртам. Патувањето и запознавањето со нови култури ми претставуваат големо задоволство и инспирација.
Миа: Јас сум ученичка на насоката Компјутерска техника и автоматика во СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани, каде што ја завршив третата година. Имам завршено Академија за дигитален маркетинг, а моментално ја завршувам Академијата за Front-End програмирање. Планирам да продолжам со студии на факултет за програмирање и активно се надградувам во IT областа.
Имам сопствен бизнис кој нуди веб-страници, одржување на социјални мрежи и дигитални решенија за клиенти. Во слободно време уживам во спорт, музика, читање книги, патувања и готвење. Посветена сум на постојан развој и работа на проекти кои носат вредност.
Велинчо: Јас сум ученик на насоката Електротехничар за компјутерска техника и автоматика во СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани, каде што ја завршив третата година. Мојот интерес е насочен кон програмирањето, но и кон графичкиот дизајн и електроинженерството. Мојот план во скора иднина е да се запишам на ФИНКИ или на ФЕИТ.
Сакам да се надоградам во сите области на IT-сферата, да стекнам нови знаења и вештини со цел да најдам добро работно место. Во слободно време тренирам, читам книги, гледам филмови, играм квизови и готвам. Исто така сум голем љубител на сите спортови од кои омилен ми е MMA. Сакам да патувам и да запознавам нови луѓе, така што ќе го подобрам својот социјално однесување и разбирањето на различни култури.