14.5 C
Skopje
недела, октомври 25, 2020

Carrie е македонско ИТ решение за заштеда на ресурси во здравствените организации

Kabtel desktop

Carrie е изум што ќе го штеди времето и ресурсите во здравствените установи. Наша задача е да ги искористиме ресурсите на дофат и да ги решаваме проблемите на околината преку возбудлив процес на учење и постојан напредок. Секој кој се смета за ваков ентузијаст е добредојден на кафе, муабет и можност за соработка, вели Тони Бачваровски oд Гордиан системи

Проектот Carrie е иновативен и единствен продукт, кој нуди можности за поефикасна грижа за старите и лицата со попреченост. Компанијата „Гордиан системи“ за својот изум  обезбеди финансирање од страна на Фондот за иновации и технолошки развој во 2016 година, а исто така победи и на предакцелераторската програма на „Сеавус“, пред жири составено од успешни македонски менаџери и Alan Schaaf основач на компанијата Imgur. Основачот на компанијата, Тони Бачваровски, за „Иновативност“ вели дека професионалната ориентција тимот на „Гордиан системи“ се состои од лица со позитивен поглед кон околината, лица кои во проблемите гледаат можности и решенија, а не пречки и оправдувања

 

 

  •  Г-дин Бачваровски, кажете ни нешто повеќе за Гордиан системи, колку време постои и кој е тимот што стои зад вашите иновативни решенија?

„Гордиан системи“ е идејно формирана летото 2013, а официјално регистрирана есента 2015,  тимот е составен од ИТ и електро инжинери, соработници, истражувачи, како и надворешни консултанти. Основиот тим беше формиран од професионалци кои подолго време се познаваат и имаат слични идеи, а потоа беше засилен со нови членови. Покрај професионалната ориентција тимот на „Гордиан системи“ се состои од лица со позитивен поглед кон околината, лица кои во проблемите гледаат можности и решенија, а не пречки и оправдувања. Природата околу нас ни дава многу, општеството е такво какво што е, а ние сме согласни дека наша задача е да ги искористиме ресурсите на дофат и да ги решаваме проблемите на околината преку возбудлив процес на учење и постојан напредок. Секој кој се смета за ваков ентузијаст е добредојден на кафе, муабет и можност за соработка.

  • Проектот Carrie нуди паметни решенија за следење на здравјето на повозрасните и за лица со попреченост. Објаснете ни како функционира?

Carrie претставува интегрирано хардверско и софтверско решение кое го следи движењето на луѓе кои имаат ограничена подвижност или кои се под лекарска грижа. Информациите за положбата на телото се спроведуваат до мобилната апликација и според нив може да се дедуцираат податоци и да се врши надзор на здравствената состојба на лицето. На пример, ако во еден старечки дом веќе е пладне, апликацијата за одредена соба отчитува дека лицето се` уште е во хоризонтална положба, тогаш негувателот може да отиде директно во собата и да провери. Carrie е воедно и изум што мoже и да го штеди времето и ресурсите во здравствените установи.

  • Што ве поттикна да создадете токму таков продукт?

Поттикот доаѓа од можноста да се учествува во решавањето на растечки проблем на повеќето општества, а со тоа да се биде во еден сегмент на пазарот кој станува се поголем, особено во Европа која има популација која старее и која има потреба од асистивна технологија во долгорочната грижа и здравствената област. Другиот  поттик доаѓа од моето искуство во областа на асистивна технологија. Јас сум основач на организацијата Отворете ги Прозорците која е посветена на изнаоѓање и применување на решенија и технологии за поголема инклузија и подобрување на личниот развој на лицата со попреченост. Нашиот стартап резултираше од спојот на искуството, инжeнерските способности на тимот, како и можноста да се развие продукт во Македонија кој може да се продава низ целиот свет.

  • За кои пазари е наменет проектот Carrie?

Carrie може да се примени во старечки домови, здравствени центри и во иднина и во болници. Затоа што Carrie се` уште се наоѓа во развојна фаза, не сме се обиделе да го пласираме на странскиот пазар, а како примарни пазари ги сметаме земјите од Северна Европа и Северна Америка. Во Македонија производот се тестира во неколку установи за згрижување лица со кои имаме соработка, во кои можеме да анализираме како тој ќе делува во околностите за кои тој е наменет.

  • Дали може да се користи и во домашни услови, кој може да го користи и кои се бенефитите од него?

Carrie може да се користи во домашни услови, секако. Производот може да им служи на оние кои имаат потреба од далечинско надгледување на состојбата на движење на лице кое подолг период или во даден временски момент има потреба од негувател , а негувател е лице од семејството кое не секогаш е во можност да биде дома, оди на работа, училиште и слично. Како најнова намена, во соработка со Црвениот Крст на Скопје, ќе пилотираме проект за лицата што живеат во сопствениот дом, а негуватели се членовите на Црвениот Крст.

  • Нудите решенија и за телекомуникацискиот сектор како и консалтинг поддршка. Кажете ни нешто повеќе за тој сегмент од вашата работа?

Гордиан нуди консултации за работа на телефонски централи како и корисничка поддршка во истата област.  Овој дел на работењето се заснова на моето искуство во телефонијата, како подесување на интегрирани телефонски централи, поврзување мрежи и техничка поддршка. Главниот дел на работењето на Gordian е корисничка поддршка за ИТ опрема во Северна Америка. Се надеваме дека со растот на тимот и подготовката на нови кадри ќе почнеме со поинтензивна работа и на македонскиот пазар, каде планираме да ги воведеме американските стандарди за квалитет и со тоа да бидеме над постојната конкуренција.

  • Gordian е македонска компанија со пазарот во Северна Америка како главен таргет. Планирате ли да ги проширувате пазарите?

Секако, целта на секоја компанија е проширување на пазарот, директните познанства во Калифорнија ни ги отворија вратите таму, но ги разгледуваме сите останати можности, во моментов го засилуваме тимот за да го зголемиме бројот на клиенти во САД, но и да се обидеме со класичниот европски пазар. Размислуваме и за нетипични пазари за нас, како Африка, Израел, земјите од поранешен Советски сојуз, кои се пазари во подем, но омаловажени од европските компании.

  • На кои проекти работите во моментов, кои се вашите планови за во иднина?

Моментално сме фокусирани на развојот на Carrie, но секогаш имаме идеи за нови проекти. Собирањето и анализата на податоци ни е пасија и експертиза, па имаме многу идеи во таа насока. Во моментов разгледуваме еден развоен проект во областа на обновливите извори на енергија, но за сега е рано да се дискутира.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •