На 15 јуни, националниот авиопревозник Ер Србија воспостави директна линија помеѓу Белград и Тбилиси, според соопштението на компанијата.
Ер Србија ќе лета до главниот град на Грузија три пати неделно во текот на целата година: од Белград во понеделник, четврток и недела, додека летовите од Тбилиси ќе се реализираат во вторник, петок и недела.
На официјалното испраќање на првиот лет од Белград присуствуваа министерката за градежништво, транспорт и инфраструктура Александра Софронијевиќ, министерката за внатрешна и надворешна трговија Јагода Лазаревиќ, претставници на Амбасадата на Грузија, Ер Србија и медиумите.
Генералниот директор на Ер Србија, Јиржи Марек, изјави дека на воспоставувањето на оваа линија му претходела анализа на пазарот, која покажала дека бројот на патници помеѓу Србија и Грузија „постојано се зголемува“.
„Од друга страна, патниците што летаат од Европа и Северна Америка до Грузија сега имаат можност побрзо и полесно да стигнат до Кавказ преку Белград. Отворањето на директна авиокомпанија во месецот кога се одбележува и 30-годишнината од дипломатските односи меѓу Србија и Грузија, дополнително ќе ја зајакне врската меѓу двете земји“, рече Марек.
Во соопштението се додава дека Ер Србија нуди добри врски од Тбилиси, преку Белград, до Амстердам, Барселона, Берлин, Болоња, Цирих, Копенхаген, Краков, Милано, Ница, Дизелдорф, Рим, Франкфурт, Хамбург, Осло, Париз, Подгорица, Прага, Стокхолм, Тиват, Валенсија, Загреб и многу други градови.
Фото – Flickr