Замислете луксузен хотел каде што нема ѕидови, покрив или какви било граници помеѓу вас и природата. Токму тоа го нуди хотелот Null Stern Hotel, необичен концепт сместен високо во швајцарските Алпи, кој ги поместува границите на традиционалното гостопримство и обезбедува искуство за паметење.
Null Stern Hotel,, што на германски значи „нула ѕвезди“, всушност е соба на отворено: се состои од дупли кревет на дрвена платформа, две ноќни масички и соларни ламби. И ништо повеќе. Тоа е поентата тука, „единствената ѕвезда да биде гостинот“, како што велат неговите основачи.
Идејата се родила како уметнички експеримент од браќата Франк и Патрик Риклин, во соработка со хотелиерот Даниел Шарбоние. Нивната цел не била луксуз во класична смисла, туку враќање кон основите: тишината на планините, прекрасните погледи и ноќевањето под отворено небо, без дигитални одвлекувања на вниманието или физички бариери.
Иако минималистички, овој хотел не е без услуга. Гостите добиваат батлер, кој им носи пијалоци и појадок директно во креветот. Наместо телевизор, посетителите уживаат во панорама на алпските врвови и ноќно небо полно со ѕвезди.
Целта на концептот, според авторите, е да се поттикне размислувањето за луксуз, консумеризам и поврзаност со природата. Null Stern Hotel, веќе го привлече вниманието на светските медиуми, беше прогласен за најнеобичен хотел во светот, а интересот на патниците не се намалува, иако сместувањето зависи од временските услови и работи само во топлите месеци.
Во ерата на хиперпродукција и вишок содржина, можеби токму ова е вистинскиот луксуз: тишина, свеж воздух и бескрајно небо над вашата глава.
(Kamatica)
(фото: Null Stern Hotel)