Ако прашате експерти кој е гаџетот на иднината што еден ден би можел да ги замени мобилните телефони, добар број од нив ќе споменат паметни очила. Денес на многумина им се чини невозможно наместо на дланка, да добиваат информации директно во нивното видно поле, но пазарот се движи во таа насока, иако секако, секогаш постои можност работите да се променат.
Извршниот директор на Apple, Тим Кук, верува дека ваквите очила се иднината, па покрај уреди како Vision Pro, компанијата развива и класични очила, додека Meta има големи планови за овој пазар. Цукерберг, се чини, сака да биде лидер во областа на паметните очила, а откако веќе ги претставија очилата во соработка со Ray-Ban, планираат нова генерација за следниот месец, која ќе овозможи сосема нов начин на нивно користење.
Очилата, кои ги развиваат под кодното име Hypernova, за разлика од сегашните модели, треба да имаат мал екран вграден во десната леќа, што ќе биде видлив само за лицето што ги носи. Во рамките на овој екран ќе се прикажуваат мини-апликации и известувања (веројатно слични на оние на телефон), а корисниците ќе имаат контрола врз прикажаната содржина преку посебна алка, како онаа што ја претставија за нивните Orion AR очила. Покрај тоа, овој гаџет треба да има и висококвалитетна камера и поддршка за AI асистент со кој ќе можат да разговараат.
Додека Meta може да биде исклучително задоволна од побарувачката за нивните очила што ги направија во соработка со Ray-Ban, прашањето е што можат да очекуваат од претстојниот модел. Пред нив се неколку предизвици.
Прво, сите многу добро го знаат брендот Ray-Ban и прашањето е колкава би била продажбата на очилата на Meta доколку не беше оваа соработка. Вториот проблем е поврзан со цената. Додека сегашниот модел се продава по цена од 300 долари, Hypernova ќе биде многу поскап. Нивната цена наводно требаше да биде илјада долари, но Meta на крајот одлучи да ја направи 800 долари, што значително ја намали нивната маржа.
Исто така, изгледот и димензиите на очилата се во прашање, а прашањето е дали Hypernova со дополнителна технологија може да одржи сличен тенок дизајн како очилата Ray-Ban, кои не се разликуваат по изглед од класичните очила.
Затоа, Hypernova ќе биде повеќе како еден вид демонстрација на нова технологија која треба да им ги покаже на корисниците можностите и да ги привлече во тој екосистем. Бидејќи станува збор за потенцијална технологија на иднината и пазар каде што ќе се потрошат милијарди долари, Meta веќе сака да се позиционира како лидер и компанија за која ќе се помисли штом се повеќе и повеќе корисници купат очила.
(Cnet)