По речиси 20 години, повеќето европски аеродроми го укинуваат правилото кое забрануваше носење повеќе од 100 мл течности во рачен багаж.
Правилото, воведено во 2006 година за спречување на терористички напади со течни експлозиви, стана синоним за стресни безбедносни проверки на аеродромите.
Сепак, благодарение на новите, напредни скенери, некои аеродроми во Италија, Велика Британија и на други места одлучија да го напуштат ова ограничување. На пример, на аеродромите во Рим, Милано и Болоња сега е можно да се носат до два литри течност во рачен багаж.
Новата технологија овозможува содржината на багажот да се гледа во прецизна 3Д резолуција, што им дава можност на инспекторите да ја ротираат сликата и да го гледаат предметот од повеќе агли.
- Тајната е во новите скенери кои не само што можат да анализираат супстанцијата во шишето, туку и да ја видат содржината на багажот во прецизна 3Д резолуција, да ја ротираат сликата и да ги набљудуваат предметите од повеќе агли“ објасни Иван Басато, директор за аеродромски операции во Рим, додавајќи дека оваа технологија овозможува откривање дури и на експлозиви скриени во шише со шампон.
Иако новите скенери се значително поскапи од претходните, трошоците се покриени со минимално зголемување на аеродромските такси. И покрај фактот дека оваа практика е сè уште во развој и не се однесува на патниците во транзит, таа ветува поголем мир и удобност за патниците.
Трендот на укинување на ограничувањата се шири низ Европа. Покрај италијанските аеродроми, аеродромите во Лондон Сити, Единбург и Бирмингем, како и Хелсинки веќе го укинаа ова правило. Се очекува дека повеќето аеродроми во Германија, Ирска, Литванија, Малта, Шведска и во Холандија ќе им се придружат во следните пет години.
Сепак, некои земји, како што е Швајцарија, сè уште чекаат. Иако аеродромот во Женева ја има новата технологија, правилата нема да се променат сè додека Федералната канцеларија за цивилно воздухопловство (OFAC) не донесе нова одлука. Слична е ситуацијата и со аеродромот во Цирих.
(Kamatica)