Apple ја повика Европската комисија да укине серија закони за технологија, предупредувајќи дека доколку не се променат, компанијата би можела да престане да испорачува одредени производи и услуги на пазарот на ЕУ.
Во најновиот судир со Брисел, производителот на iPhone рече дека Законот за дигитални пазари (DMA) го влошува корисничкото искуство, ги зголемува безбедносните ризици и го нарушува начинот на кој уредите на Apple работат заедно, објавува Guardian.
Компанијата од Силиконската долина ја критикуваше регулативата во поднесок што е дел од ревизија на тригодишен закон чија цел е ограничување на монополската моќ на најголемите дигитални компании, вклучувајќи ги пребарувачите, апликациите и услугите за пораки.
Apple тврди дека поради DMA, веќе морала да го одложи воведувањето на функции како што се „превод во живо“ преку услугата AirPods и прикажување на екранот на iPhone на лаптоп, бидејќи законот бара интероперабилност со уреди и услуги од други производители.
„Списокот на одложени функции во ЕУ веројатно ќе станува подолг, а искуството на нашите корисници ќе станува сè полошо и полошо“, се вели во соопштението. Компанијата додава дека правилата не се однесуваат неправедно на Samsung, најголемиот производител на телефони во ЕУ.
Еден од барањата на DMA е слушалките од други производители да работат со iPhone телефоните, што Apple го смета за пречка за воведување на нејзината услуга за симултан превод, бидејќи тоа ѝ овозможува на конкуренцијата пристап до податоци од разговорите и со тоа отвора проблем со приватноста.
Apple процени дека законот треба да се укине или барем да се замени со посоодветни прописи. Иако не прецизираше кои производи би можеле да се повлечат од ЕУ, компанијата изјави дека Apple Watch, претставен пред десет години, можеби нема да може да се лансира на европскиот пазар денес.
Ова е продолжение на годините спорови меѓу Apple и европската бирократија. Порано оваа година, компанијата поднесе жалба против казната од 500 милиони евра што ја изрече ЕУ за наводно спречување на развивачите на апликации да ги насочуваат корисниците кон поевтини понуди надвор од App Store.
(Biznis.rs)
Фото – Flickr