Плановите не предвидуваат укинување на готовината, туку воведување на плаќање со картичка како стандардна опција, а плаќањето би било на барање на потрошувачот.
Кога станува збор за бесконтактни и безготовински плаќања, некои земји заостануваат, поради што наскоро би можела да се воведе нова законска обврска поврзана со опциите за плаќање.
Имено, во Германија, евро банкнотите се единственото неограничено законско средство за плаќање и тоа значи дека трговците мора да прифаќаат готовина, освен ако тоа не е изречно исклучено во условите на работењето. Но, новата федерална влада се согласува дека плаќањата со картички треба да станат и законска обврска, објавува списанието Феникс.
Во коалицискиот договор се наведува: „Ќе обезбедиме секој да продолжи да одлучува како сака да плаќа за секојдневните трансакции. Готовината останува валидно средство за плаќање. Ние сме посветени на вистински избор во методите на плаќање и сакаме готовина и барем една дигитална опција за плаќање да се нуди по правило“. Сепак, имаше мало омекнување на формулацијата – претходно во работниот документ се наведуваше дека „барем една дигитална опција мора постепено да се воведува“.
Во иднина, потрошувачите, на пример во рестораните и продавниците, треба да имаат избор – плаќање во готово или со картичка. Причината за ова е што готовината не остава трага, додека електронските плаќања оставаат. Затоа политичарите го гледаат воведувањето на плаќања со картички како средство за борба против даночната евазија.
Коалицискиот договор ја вклучува и оваа ставка: „За бизнисите со годишен промет поголем од 100.000 евра, воведуваме обврска за користење на фискална каса од 1 јануари 2027 година.“
Целта е да се евидентираат сите трансакции. Хотелскиот и угостителскиот сектор ги критикува овие планови бидејќи тие значат дополнителни трошоци и административен напор. Од друга страна, Германскиот даночен сојуз би сакал да воведе исклучиво дигитални плаќања. Претседателот Флоријан Кеблер вели: „Доколку сите плаќаа со картичка, даночните приходи би биле значително поголеми.“
Плановите не предвидуваат укинување на готовината, туку воведување на плаќање со картички како стандардна опција, а плаќањето би било на барање на потрошувачот.
(Пословни дневник)
Фото – Fare Compare