„Вклучи одржливи навики“ и приклучи се на најголемиот регионален собир од областа на енергетиката и технологијата – „Енерго-Технома 2025“. Со учество на повеќе од 40 реномирани изложувачи од земјата и регионот и повеќе од 20 стручни промоции и презентации, иновации и деловни можности, годинава саемот гарантира динамичен настан за сите што се интересираат за енергија, напредна технологија и одржливост. Меѓународниот саем ќе се одржи од 27 до 30 октомври во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, на изложбена површина од 2.500 м², под покровителство на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Во рамки на четиридневната манифестација, посетителите на саемот ќе имаат можност да се запознаат со тоа како современите технологии можат реално да го подобрат секојдневниот живот. Од енергетски ефикасни решенија за домаќинствата до иновации што ги трансформираат производствените процеси – „Енерго-Технома 2025“ ќе обедини професионалци, технолошки ентузијасти и млади иноватори од различни делови на светот.
Изложувачите доаѓаат од широк спектар на индустрии, од енергетски постројки и опрема, до системи за греење и ладење, напредни пумпни и климатизациски решенија, соларна енергија и хибридни технологии. Посетителите ќе можат одблиску да се запознаат и со современи трансформаторски системи, решенија од електро и електронската индустрија, како и со напредни технологии од областа на роботиката и интелигентните системи.
Оваа година, посебен фокус се става на поврзувањето со пошироката јавност и практичната корист од манифестацијата, па така посетителите ќе имаат можност одблиску да видат производи и услуги што носат реални, мерливи подобрувања во секојдневието, кои истовремено се еколошки и ги поттикнуваат навиките на одржлив живот.

Значајна улога ќе имаат и младите. Студенти и дипломци од техничките факултети ќе имаат можност не само да воспостават контакт со водечки компании, туку и да се претстават со сопствени иновативни решенија, особено од областа на роботиката и автоматизацијата. Саемските денови значително ќе придонесат во поттикнување на младинскиот иновативен дух и во градењето мост меѓу академијата и индустријата. Преку практични презентации и демонстрации, младите ќе добијат реална можност за трансфер на знаење и потенцијални вработувања или практикантства.
„Енерго-Технома 2025“ годинава ќе го надмине форматот на класичен саем, на едно место ќе се промовираат идеи, деловни можности и долгорочни решенија, настан што ги поврзува луѓето, технологијата и визијата за поефикасна и одржлива иднина, со интернационален дух и влијание.
Саемот трае четири денови од 27ми до 30ти октомври. Првиот саемски ден ќе биде отворен од 13 до 18 часот, во вторник и среда посетителите ќе можат да го посетат саемот од 10 до 18 часот, додека во четврток работното време ќе биде од 10 до 17 часот.
