Алармантното зголемување на температурите на океаните ги доведе коралните гребени во светот на работ на колапс, официјално означувајќи ја првата пресвртна точка на климата за целиот екосистем, според Извештајот за глобалните пресвртни точки 2025.
Извештајот, заеднички координиран од Универзитетот во Ексетер и Светскиот фонд за природа (WWF), собра 160 научници од целиот свет. Мелани Мекфилд од програмата „Здрави гребени за здрави луѓе“ на институцијата Смитсонијан, коавторка на поглавјето за коралите, предупреди дека опаѓањето на овие екосистеми претставува закана за здравјето и безбедноста на луѓето за која светските влади не беа подготвени.
Коралите од топлите води поддржуваат до една третина од сите познати морски видови и обезбедуваат храна, приход и заштита на крајбрежјето за речиси милијарда луѓе. Нивната глобална економска вредност се проценува на 9,3 трилиони евра годишно. Но, коралите се исклучително чувствителни на зголемувањето на температурата на морето. Од 2023 година, рекордните глобални топлотни бранови предизвикаа избелување на повеќе од 80 проценти од светските гребени.
За време на избелувањето коралите ги исфрлаат алгите што ги хранат, стануваат бели и ранливи на болести и на крајот умираат од глад. Мекфилд го опиша избелувањето на коралите како настан од сосема поинаков ред на големина од сè што научниците виделе досега.
Водечкиот автор на извештајот, Тим Лентон од Универзитетот во Ексетер, објасни дека коралите од топли води го достигнуваат својот термички праг на околу 1,2°C над прединдустриските нивоа, при што целосното пропаѓање се случува на околу 1,5°C.
“Ние моделиравме како би изгледал светот со затоплување од 1,5°C и ги видовме последиците. Повеќето корални гребени би биле изложени на ризик од широко распространето изумирање и претворање во алги и морска трева”, изјави Лентон пред новинарите на промоцијата на извештајот.
Лентон верува дека закрепнувањето може да се постигне само ако глобалната температура се намали на 1,2 °C над прединдустриските нивоа, иако признава дека оваа цел оди многу подалеку од сегашните меѓународни обврски.
Тери Хјуз од Универзитетот Џејмс Кук додаде: “Судбината на коралните гребени во наредните децении зависи од нас ако брзо ги намалиме глобалните емисии на стакленички гасови“.
Лентон ги повика светските лидери итно да дејствуваат на претстојната конференција за климата COP30 во Бразил.
“Брзо се приближуваме до повеќекратни пресвртни точки на системите на Земјата што би можеле да го преобликуваат нашиот свет со катастрофални последици за луѓето и природата“, заклучи тој.
(New Scientist)