Првата конференција посветена на креирање видеоигри во Северна Македонија, Game Dev Rev 2025, ќе се одржи денес во Македонскиот народен театар, во организација на Асоцијацијата на македонската индустрија за развивање видеоигри (МГИ Скопје).
На настанот ќе присуствува претседателот на Европската федерација за развивање видеоигри, Јари-Пека Калева, реномирани говорници и експерти, а над 30 независни студија ќе ги презентираат своите проекти во Indie Zone делот, овозможувајќи увид во идниот бран на креативни умови.
Сесиите и работилниците фокусирани на продукција ќе дискутираат теми кои се насочени кон унапредување на екосистемот и бизнисот на развивање видеоигри.
Организаторите најавија дека на конференцијата е планирано и обраќање на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, како и претставник на Western Balkans Fund. “Конференцијата има цел да отвори ново поглавје на македонската сцена за развивање видео игри.”
“Како се уште недоволно истражен регион за креативност и талент, земјава има огромен потенцијал, а GDR25 е дизајнирана на студентите, младите креативци и професионалците да им обезбеди мотивација, насоки, контакти, па дури и самодоверба за да се впуштат и напредуваат во индустријата за развивање видео игри”, стои во изјавата на организаторите.
GDR2025 е поддржана од Министерството за култура и туризам, Western Balkans Fund програмата, како и организации посветени на развојот на дигиталната креативност.