Холандија е рамна земја без планини, но сега во неа ќе изникне една масивна зелена зграда во градот Велдховен близу Ајндховен. Проектот Dutch Mountains вклучува изградба на најголемата дрвена зграда во светот, која ќе биде изградена од природни материјали со високотехнолошки дизајн за да се креира една уметничка и самоодржлива градба, пишува Inhabitat.
Амбициозниот проект ќе вклучи неколку канцеларии и работни простории, како и неколку конференциски центри. Ќе има и хотел и места за краток престој за посетители кои доаѓаат однадвор. Главната зграда ќе биде направена целосно од дрво, а кога ќе биде готова, ќе биде најголемата дрвена зграда во светот.
Според планот за Dutch Mountains, комплексот е целосно самоодржлив, односно има затворени циклуси на енергија, вода, отпад и материјали. Архитектите го избраа дрвото како главен градежен материјал со цел да се креира еден систем кој ќе ја намали емисијата на јаглерод диоксид. Освен тоа, тие планираат во фасадата на зградата да интегрираат паметна технологија која ќе ја намали потрошувачката на енергија.
Проектот предвидува, во иднина зградата да може да се надградува со зелени материјали кои помагаат да се зголеми одржливоста на зградата. На пример, фасадата на зградата ќе ја регулира температурата и ќе биде една од најиновативните на пазарот, но доколку во иднина, на пример, се создаде некоја попаметна фасада која произведува повеќе енергија, може да ја замени постарата верзија, а старата ќе се рециклира или ќе се реупотреби.
Направени со цел да се постигне оптимална флексибилност, индивидуалните простории во градбата ќе може да се адаптираат за идните употреби. Комплексот не само што ќе биде направен од одржливи градежни материјали туку ќе има и многу зеленило, зелени покриви, голем парк и вештачки мочуришта.