Egloo е создаден како алтернатива за борба против еколошките и финансиските проблеми во поглед на залудно изгубената енергија за загревање на домовите. Овој мал систем за греење тежи нецел килограм, а е посебно дизајниран за да биде моќен, едноставен и компактен, пишува GreenMatters.
Компанијата Art is Therapy сакала да создаде грејач кој е комбинација од дизајн и иновација. Основата на Egloo содржи дводелен челичен дел поврзан со магнети. Во долната полутопка стојат свеќи и вода. За да биде што е можно побезбеден, под основата има четири дискови од филц за поддршка.
Двете полутопки се поставени на основата. И полутопките и основата ги прават италијански занаетчии користејќи природна керамика која е отпорна на висока температура. Керамиката е избрана за главен материјал затоа што топлината која се складира во неа ја испушта полека. Сепак, изгледот на Egloo е многу модерен и се вклопува во сечиј ентериер.
Можеби звучи како нешто комплицирано, но овој грејач е многу лесен за користење. Едноставно, запалете ги свеќите, поставете ги полутопките и седнете да се топлите. Можете да изберете какви свеќи ќе користите. Egloo ви нуди посебен восок. Тие свеќи траат 5 часа, а чинат само 10 центи. Но, може да се користат и обични свеќи.
Се прашувате како функционира Egloo?
Грејачот создава природна топлина со свеќите која се движи низ слоевите на полутопките. Потенката полутопка складира најголем дел од топлината, додека подебелата постепено ја ослободува таа топлина и ја подигнува околната температура. Поради рамномерната распределба на топлината, температурата во собата ќе се покачи за само 15 минути.
Како бонус, компанијата направи и систем за ладење на водата во грејачот. Тоа овозможува топлината да го навлажнува воздухот во просторијата. Системот истовремено ја регулира температурата на восокот. Во водата може да се додадат и есенцијални масла за да се шири пријатниот мирис.