Гоце Вангеловски, генерален директор на Кроација осигурување – друштво за неживотно осигурување Скопје, во интервју за Иновативност открива детали за најновата платформа на компанијата, moja.croatia.mk, за тоа како стои Македонија во поглед на светските трендови за користење онлајн платформи за осигурување, како и за идните планови на компанијата во тој правец.
Г-не Вангеловски, неодамна ја промовиравте платформата за онлајн купување на полиси. Кажете ни нешто повеќе за оваа новина?
– Следејќи ги технолошките и глобалните трендови во осигурителниот бизнис, како и потребите на сѐ поголем број корисници за полесен пристап до полисите за осигурување преку интернет и мобилен телефон, одлучивме да лансираме дополнителен продажен канал за нашите производи.
Се работи за нова онлајн платформа – moja.croatia.mk, која им овозможува на корисниците на брз, крајно еднoставен и безбеден начин, само со неколку клика на тастатурата, да купат полиса за осигурување на домаќинството или патничко осигурување, или да ја обноват постојната полиса за осигурување од авто-одговорност. Дополнително, платформата moja.croatia.mk на корисниците им нуди можност да го платат преостанатиот долг по постоечките полиси, да пријават штета на осигуреното возило или имот и незгода при патување, како и да добијат понуда за каско и осигурување од пожар без да мора да доаѓаат на некое од продажните места на компанијата.
Сите заинтересирани корисници можат да пристапат до платформата преку интернет на: moja.croatia.mk, а истата може да се користи и преку мобилен телефон како апликација која бесплатно може да се симне од Play Store за Андроид уредите или преку app.croatia.mk за корисниците на iPhone и останатите мобилни уреди.
Кои се предностите на платформата moja.croatia.mk за корисниците?
– Иако на македонскиот пазар има и други осигурителни компании кои нудат слични услуги, сепак, сметам дека она што ја прави нашата платформа уникатна е тоа што таа им овозможува на корисниците да се регистрираат само еднаш, при првото нејзино користење. Со тоа нашата платформа им заштедува дополнително време на корисиниците и уште повеќе им го поедноставува обновувањето на постојната или купувањето нова полиса, правењето преглед на сите полиси, плаќања и долгови, промотивни кодови и многу повеќе, без притоа да има потреба за внесување на податоци за најавување и авторизација на корисникот.
На нашата платформа се имплементирани сите најнови стандарди за сигурност при онлајн продажба, а дополнително полисите за осигурување купени преку moja.croatia.mk се единствените на пазарот кои освен електронскиот потпис на осигурителното друштво имаат и сертификат со потпис од Клириншкиот интербанкарски систем (КИБС). Со тоа се обезбедува двојна гаранција за безбедноста на сите трансакции што ќе се направат преку нашата платформа.
Исто така, moja.croatia.mk целосно e интегрирана со централниот систем на Кроација осигурување, со што се овозможува автоматско ажурирање на сите реализирани трансакции во реално време. Со тоа корисниците на платформата повеќе нема да добиваат телефонски повици со кои ги информираме за обврска која веќе ја подмириле.
Колку на пазарот се прифатени новите технологии во осигурувањето и колку граѓаните и компаниите користат онлајн платформи за осигурување?
– Динамичниот начин на живот ја нагласи потребата за тоа производите и услугите да станат достапни за корисниците за што пократко време и на што поседноставен и побезбеден начин. Решението за ваквиот предизвик се наоѓа во употреба на дигиталната технологија, која во светски рамки се повеќе навлегува и во осигурителниот бизнис. Генерално, онлајн продажбата во Македонија е на пониско ниво од останатите пазари во Европа и пошироко, а може да се каже дека во делот на осигурувањето тукушто почнува.
Сепак, ние во Кроација осигурување сметаме дека токму сега е време да се направат похрабри чекори во насока на промоција на нови технологии и на нашиот пазар, ползувајќи ја солидната дигитална инфраструктура што ја има земјата и секако искуствата што ние како членки на поголема групација ги имаме на располагање од работата на пазарите во Европската Унија.
Токму новата платформа moja.croatia.mk има за цел пред сѐ да го поттикне и да го промовира онлајн купувањето, како брз, сигурен и ефикасен начин да се добие или да се обнови осигурителна полиса за само неколку минути и неколку клика на тастатурата од компјутерот или мобилниот телефон, што секако е големо олеснување за сите клиенти со тоа што им заштедува време кое станува сѐ подрагоцен ресурс за сите нас.
Дали планирате нови услуги што ќе бидат достапни онлајн?
– Светските трендови покажуваат дека многу брзо најголемиот дел од услугите во осигурителната индустрија ќе се нудат онлајн. Тоа е и нашата стратегија, да ја прошириме и континуирано да ја надградуваме платформата moja.croatia.mk со нови продукти и функционалности. Во наредниот период планираме да ја збогатиме постојната понуда со онлајн продажба на полиси за каско осигурување на патнички возила, осигурување од пожар, како и со останати продукти за масовна продажба. Дополнителни функционалности ќе бидат и пакетите на производи кои ќе нудат дополнителни поволности на нашите клиенти, промотивни кодови и неколку изненадувања кои ќе ги промовираме во текот на оваа и наредната година.