Стартап екосистемот во Македонија, полека но сигурно се развива, а веќе слушаме сѐ повеќе успешни приказни за идеи, услуги и производи кои доаѓаат од иновативните македонски претприемачи. За да продолжи и да се интензивира овој раст, потребни се програми и иницијативи кои ќе ги поддржуваат претприемачите на различни начини. Една ваква иницијатива е Entrepreneurs in Residence која е дел од SwissEP програмата односно швајцарската програма за претприемништво. Иновативност зборуваше со Нина Николиќ, менаџер на Entrepreneurs in Residence и екосистем фасилитатор во склоп на SwissEP, Македонија.
„Во Март 2016-та година почнав со работа на SwissEP програмата и веќе две години како во континуитет организираме активности за развој на стартап екосистемот. Досега позитивно придонесовме кон менување на начинот на кој луѓето размислуваат во нашето општество. Со експертите кои ги носиме од странство но и со нашите стартапи, покажавме дека веќе навистина не е важно од која земја доаѓаш, ако имаш супер идеја и вложуваш многу труд. SwissEP работи со своите партнерски организации во Македонија, како Сивус Инкубатор и CEED Hub Skopje за зголемување на можностите кои им се нудат на претприемачите со цел да се искористи потенцијалот кој Македонија како држава го има за развивање на стартапи како што се ниски трошоци на живеење и постоењето на квалитетен кадар.“, вели Нина.
Според неа, она што ни недостасува и што е клучно во понатамошното развивање на македонскиот стартап екосистем е поддршка од државата за да можеме да се израмниме со земји не само од Балканот, туку и на европско ниво во однос на законски регулативи за микро и мали претпријатија и со дигитализација на услуги.
„Македонија е мала земја, може да се дигитализира многу лесно како што впрочем тоа го направи Естонија. Кога можеше Естонија, зошто да не би можеле и ние? Многу од процедурите, особено оние што се за регистрација на бизнис можат да се дигитализираат, но и услугите за понатамошното водење на бизнис како и на ликвидација на истиот, бидејќи во стартап светот ликвидацијата на бизнисите е нешто што се случува постојано.“
Програмата Entrepreneurs in Residence функционира на начин што постојано носи странски експерти кои имаат огромно искуство во работењето со стартапи, а овие професионалци го минуваат времето во Македонија советувајќи ги и работејќи со нашите стартапи и потенцијални претприемачи.
Пошироката програма SwissEP е предвидена да се имплементира вкупно четири години, со можности и за продолжување доколку резултира со успех. Една од целите на програмата исто така е на крајот на овие четири години да има создадено околу 300 нови работни места во стартап екосистемот.
„SwissEP како програма дава индиректна поддршка, ние не даваме пари и тоа е нешто ново и невидено до сега во земјава. Кога стартапите доаѓаат кај нас ние им кажуваме дека не им даваме пари, бидејќи доделениот грант ќе се потроши, а важното е што ќе се прави понатаму. Ние нудиме не само менторство од странски експерти кои се долги години на стартап сцената, туку и даваме совети од финансиски, правен и маркетинг аспект. Преку оваа програма домашните стартапи учат нови работи, го подобруваат нивното работење и органски го растат нивниот бизнис. Најубавиот дел од програмата е вмрежувањето бидејќи експертите кои доаѓаат преку Entrepreneurs in Residence остануваат во Македонија по еден месец и во тој период претприемачите можат да станат и најдобри пријатели со тој човек кој им помага во развојот на бизнисот. Во иднина кога на претприемачите ќе им треба совет или поддршка, слободно можат да го исконтактираат експертот бидејќи веќе воспоставиле врска со него преку менторството.“ објасни Нина за тоа како функционира програмата.
Како што раскажа таа, програмата исто така не делува како акцелератор, но ги поддржува локалните организации кои имаат акцелераторски програми. Ескпертите кои доаѓаат овде преку програмата, веќе работеле на акцелераторски или инкубаторски програми, а овде работат со луѓето кои ги менаџираат ваквите програми во партнерските организации. Значи, SwissEP им помага на овие локални акцелератори и инкубатори да овозможат колку што е можно подобра и побогата програма за стартапите.
„Експертите кои доаѓаат, гледаме да бидат луѓе кои имале свој стартап кој или го затвориле или го продале, или пак да имаат искуство со работа со стартапи. Често пати нѐ прашуваат зошто некој претприемач од европска земја би одлучил да дојде во Македонија на еден месец и да работи со стартапи овде, но токму овде се согледува тоа претприемачко размислување кај нив бидејќи тие се секогаш отворени за предизвици, секогаш иновираат, секогаш работат на развивање на идеи. Во текот на неделата имаат задолжителни 20 часа да поминуваат работејќи со стартапите, а останатото време го користат како сакаат. Живееме во 2018 година кога можеме да работиме од било кое место во светот и не претставува некоја пречка што експертите физички во моментот се во Македонија бидејќи работат во нашиот екосистем паралелно со работењето на нивниот бизнис“, раскажува Нина.
Домашните стартапи исто така сѐ повеќе ги согледуваат бенефитите од ваквите програми, па дури и се инволвираат во иницијативи преку кои меѓусебно би си помогнале. Еден интересен податок кој го дознавме од Нина е дека кога почнала да се имплементира SwissEP програмата, неколку македонски стартапи основале асоцијација преку која заеднички ќе ги доставуваат своите барања до програмата за она што им е потребно за развој.
Асоцијата се вика Tailored Growth Network (TGN) чии основачи биле стартапите Grouper, GSix, Brainster, Codewell, а во која понатаму се вклучиле и Fueloyal и Slice, а TGN има за цел да го проширува кругот на брзо растечки стартапи.
„Оваа асоцијација достави листа на експертиза која им е потребна ним како стартапи и неколку предложени луѓе односно експерти кои би можеле да работат со нив на тоа поле и да им помагаат. Еден од тие експерти беше и Хауард Кингстон од Велика Британија кој е експерт за growth hacking и кој успеавме да го донесеме за само два месеци откако асоцијацијата го побара. Другиот експерт, “таткото” на Гејмификацијата, Гејб Цихерман исто работeше со TGN и беше достапен за сите заинтересирани преку првиот настан за Гејмификација во Македонија на кој имаше околу 300 присутни“, објаснува Нина.
Добро е што постојат домашни стартапи кои проактивно настапуваат по ова прашање, но ја прашавме Нина и за фидбекот, односно повратната информација која ја добиваат од целиот стартап екосистем генерално за делувањето на SwissEP и Entrepreneuers in Residence.
„Бидејќи сум постојано во контакт со стартапите кои биле дел од програмата на SwissEP, тврдам дека сите се премногу задоволни од начинот на кој оваа програма функционира. Она што е посебно ефективно и што е одлично прифатено од стартапите е брзиот временски период на кој овие странски експерти доаѓаат во Македонија. Значи, од стартапите дознаваме дека се посебно задоволни од агилноста и ажурноста на програмата, а тоа е многу битно во стартап екосистемот кој е многу динамичен, да бидеме секогаш на време.“, вели таа.
Инаку, SwissEP програмата е финансирана од Владата на Швајцарија, а имплементирана од SwissContact. Програмата се имплементира во шест земји од кои четири се на Балканот, односно Македонија, Албанија, Србија и Босна и Херцеговина, а останатите две се Виетнам и Перу.
После официјалното лансирање на програмата, од SwissEP минатата година бил организиран голем настан во Швајцарија каде од секоја од земјите учеснички во програмата имало по три до четири стартап основачи кои во текот на целата недела работеле со ментори и инвеститори на подобрување на нивниот бизнис модел.
На целиот настан зеле учество вкупно 24 стартап основачи кои се натпреварувале на Demo Day на крајот на таа недела. Во финалето влегле седум стартапи, од кои три биле од Перу, два биле од Виетнам и два стартапи биле од Македонија. Се работи за македонските стартапи Solveo и Letz кој, за жал, веќе не постои.
“Секако позитивно се изненадив од резултатите, иако потајно знаев дека нашите стартапи имаат големи шанси да влезат во финале, бидејќи се конкурентни и напорно работеа таа недела. Гордост е да бидеш лидер на делегација на супер успешни жени претприемачи. Увидов дека навистина имаме квалитетни луѓе и квалитени бизниси кои можат да се натпреваруваат и со бизниси кои доаѓаат од држави како Виетнам која има 90 милиони жители. Иако Македонија е само со 2 милиони жители, потецијалот постои само мора да се насочи правилно“, вели Нина.
Споредено со останатите земји учесници во програмата на SwissEP, Македонија котира добро, па според Николиќ која е активно вклучена во програмата, кога би ги рангирала, на прво место би ја ставила Србија, Македонија би се нашла на второто место, Босна и Херцеговина на третото, додека пак Албанија би била на четврттото место. „Гледајќи ги годишните извештаи за активностите преку програмата во сите овие држави, Македонија може и да ја достигне Србија по развојот на стартап екосистемот.“, додаде Нина.
За крај на разговорот, ја прашавме и за нејзините лични прогнози за македонската стартап сцена и која е нејзината порака до сите потенцијални претприемачи.
„Македонија има голем предуслов да стане седиште на дигитални номади. Имаме супер интернет на располагање и секој може да работи од секаде. Убедена сум дека она што ние го правиме со програмата ќе роди конкретни резултати, ако сме среќни, за три години од сега. Сега сме во фаза на охрабрување на луѓето да работат на своите идеи. Секој млад човек има идеи, може да ги реализира и да биде успешен на светско ниво. Би ги охрабрила младите да бидат проактивни, да посетат барем еден од стартап настаните кои ги има барем по еден во неделата и да видат каде можат да се пронајдат. Би посакала повеќе самоиницијатива и вложување на многу повеќе труд“.
Нина Николиќ е и иницијатор и организатор на настанот Womenpreneuers Stories кој започна да се одржува во ноември минатата година и има за цел да ги споделува успешните стартап приказни од Македонија и светот. Овој месец настанот е веќе закажан на 19ти април, а два дена претходно оваа иницијатива ќе се лансира и во Љубљана, Словенија и има потенцијал да се шири и во други земји.
(Пишува – Бисера Срцева)