„Беорг“ постои од 2015 година, а целта на малиот тим посветени ентузијасти и вљубеници во природното, здравото и органското, е да ја донесат органската храна до македонските трпези и да ја вклучат во секојдневното мени на нашите деца. Неодамна, „Беорг“ го започна проектот „Здрави и среќни деца“, кој покрај примарната цел, најмладите да се запознаат со здравата храна, е насочен и кон стимулирање на земјоделците за производство на оваа храна, како и целосно преобразување на стилот на исхрана, со можностите кои ги има македонското поднебје. Паралелно, тимот на Беорг, преку промовирање на здрави рецепти, готвење и експериментирање со производите, работи и на едукација на луѓето како да се намали непотребното фрлање на употребливата храна.
За проектите и за идните планови разговараме со Елена Ангеловска, член на тимот на „Беорг“.
Г-ца Ангеловска, неодамна го почнавте проектот „Здрави и среќни деца“ во кој ќе ги едуцирате најмладите за здравиот начин на исхрана. Кажете ни нешто повеќе за проектот.
Како големи вљубеници во храната, особено здравата храна, бевме силно поттикнати од потребата да зборуваме и едуцираме колку таа значи за здравјето на луѓето, особено за здравјето на децата. Поразителен е фактот што и Македонија ја зафати замав на прекумерна тежина кај секое трето дете. Оттука, решивме да започнеме со проектот „Здрави и среќни деца“, каде им подаваме рака на сите институции од едукативен и образовен карактер, да не повикаат да ги посетиме и позборуваме за здравиот начин на исхрана, да споделиме едноставни рецепти, информации околу нутритивните вредности, здрави навики итн. Исто така, решивме за сите оние кои ќе не повикаат, да им доделиме купон за попуст во нашата продавница за органска храна, како еден вид стимулација да се премине на поздрав начин на исхрана, пред се` базиран на овошје и зеленчук. Досега можам да кажам дека посетивме една градинка и едно училиште и презадоволни сме како поминаа тие средби. Повторно, очекуваме и охрабруваме што е можно повеќе повици.
Што ги едуциравте децата во градинката и училиштето што ги посетивте?
Нашата прва посета беше во една приватна градинка, каде морам да признаам дека децата беа добро подготвени со информации за здравата исхрана, а тимот е посветен на едукација на децата во поглед на храната и здравиот живот и лично се уверивме дека навистина децата таму јадат здрави оброци. Им донесовме разновидни зеленчуци, ги ставивме на маса каде сите можеа да ги гледаат, допираат и да ги испитуваат и притоа разговаравме за нивното потекло, начинот на нивното растење, конзумација, нутритивни компоненти итн.
Соработуваа и поставуваа прашања како на пример: од каде доаѓа морковот, блитвата, цвеклото, како и прашања од типот : А што е зеленчук? Зборувавме за тоа кои ни се омилени јадења, какви видови смуди им се омилени, какви салати сакаат, споделувавме дури и рецепти! Исто така, зборувавме и за водата како многу важен дел од нашето здравје, користењето стаклена амбалажа, а не пластична и секако важноста на рециклирањето.
Им понудивме и да пробаат зеленчук и буквално сите јадеа сирови моркови, зелка, листови копар, ендивија, нане, блитва, итн. Не изненадија на најпозитивен начин и навистина би сакала во секоја градинка и училиште децата да се толку возбудени за здравата исхрана и толку среќно да посакуваат да пробаат од сирови, незготвени зеленчуци. Дечињата ни ја покажаа и нивната градина со рукола, шери домати, пченична трева, итн. Се пофалија и дека редовно пијат смуди, јадат зелени салати, и никако, никако не јадат чоколадо и не пијат газирани сокови. Забележливо беше дека ниедно од овие 10-15 деца не беше со прекумерна телесна тежина.
Од друга страна пак, наредната средба која не очекува е со деца на поголема возраст во едно државно основно училиште, за каде веќе имаме информации дека повеќето од децата се со поголема телесна тежина. Тука сигурно ќе обрнеме повеќе внимание на подигнување на свеста кај родителите за опасностите од оваа состојба и од друга страна за предностите на здравата исхрана. Со родителите, наставниците и децата, ќе обрнеме внимание на најновите како и на трикови и совети како сегашната исхрана полека да се трансформира во еден поздрав начин на исхрана. Ако го земеме предвид денот на едно дете во основно или средно училиште, тоа половина ден се храни во или околу училиштето, а другата половина дома. Ако претпоставиме дека во домашната исхрана спаѓаат балансирани оброци, тогаш значи дека прекумерната телесна тежина доаѓа од нездрави оброци кои се јадат за време на училишниот период, внатре или надвор од училиштето. Многу фактори доведуваат до зголемена телесна тежина и низа здравствени проблеми кај децата, но да пробаме да ги идентификуваме еден по еден, и согласно со тоа делуваме на нив. Тоа е нашата цел.
Планирате ли да го надградите проектот, на пример, со подготвка на мени соодветно за деца, направено од органски производи?
Секако, ние сме достапни за било каква соработка уште сега. Но, одиме чекор по чекор, бидејќи, за жал, кај нас свесноста за здравиот начин на исхрана е се` уште на ниско ниво. Така, првиот чекор е да зборуваме на оваа тема и да пробаме да промениме барем мал дел од навиките. На пример, нашиот проект е под хаштагот #nomoreburekforbreakfast, сакајќи да укажеме дека е навистина доста веќе со бурек, геврек, симит или било какво пециво за појадок за дечиња. Да направиме една мала промена, за да се стекнат децата со здрави навики уште од мала возраст, да издвоиме само десетина минути повеќе наутро и да им подготвиме, на пример овесна каша или овошно смуди. Тоа е за почеток, а понатаму се надеваме дека можеби ќе имаме влијание на државно ниво да се смени целото мени во градинките и училиштата. Тврдам дека, без да има потреба од промени во буџетот, може да се направи поздрава и повкусна верзија. Проблемот со храната во менијата во градинките и училиштата е многу поголем од прашањето дали ќе се употребува органска храна или не. Таа мора да е 70-80 проценти составена од свежо овошје и зеленчук, приготвени и искомбинирани на здрав и нутритивен начин. За тоа не треба многу финансии, туку многу љубов и посветеност. Свесни сме и за заблудата дека здравите оброци се безвкусни, блуткави, непривлечни. Верувајте и тоа како не се, само со малку имагинација.
Здравата органска храна се` повеќе станува стил на живот, а не само избор да се надминат некои здравствени состојби. Кои се вашите препораки за луѓето што сакаат здраво да се хранат?
Точно, здравата храна се` повеќе станува стил на живот и тој факт многу не` радува. Мојата најголема препорака е луѓето да не чекаат да треба да ја ‘поправат’ својата здравствена состојба, туку навреме да почнат да се хранат здраво, со цел превенција и одржување на здравјето, и на физичкото и на емотивното здравје. Секако и доколку треба да се надмине некоја здравствена состојба, здравата исхрана е од голема помош. Многу студии укажуваат дека со премин кон исхрана базирана на овошје и зеленчук многу од хроничните болести се реверзибилни и излечиви и жалосно е да не ги користиме овие информации во наша полза. На пример едно истражувања вели дека исхраната базирана на овошје и зеленчук се користи како превенција и третман на дијабетес тип 2, но и дека може да го регресира. (https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pmc/articles/PMC5466941/)
Исто така, студија објаснува како ризикот за рак е редуциран кај оние кои се хранат со исхрана базирана на овошје и зеленчук. (https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pmc/articles/PMC3048091/)
Препорачувам и два документарни филмови Food choices’ и ‘Forks over knives’, кои многу добро и детално го објаснуваат влијанието на здравата исхрана базирана на зеленчук и овошје за разлика од онаа исхрана базирана на процесирана, нездрава храна.
Дел од вашата мисија е и запирање на фрлањето храна.
Еден дел од нашата едукација е да ги стимулирме луѓето, остатоците од едно јадење да ги искористат на друг начин, а не да ги фрлат. Да речеме, кога спремате брокула, дршката од брокулата нема потреба да се фрли. Неа слободно можете да ја искористите во некоја супа. Истото важи и за карфиолот и многу други зеленчуци. Во време кога има премногу гладни луѓе, незамисливо е да се троши и фрла храна. Статистиките, за жал, покажуваат дека од вкупното производство на храна, дури 33 отсто завршува во ѓубре. Нашето мото е „Ниедна храна да не ја допре корпата за отпадоци“. Сподeлуваме совети за складирање на храната која останала, или пак, ако веќе не сакате да ја реупотребите во некој нов рецепт, ставете ја во кеса, во алуминумска чинија и донирајте ја некаде. Само не во корпа за отпадоци.
Дали пазарот за свежи органски производи кај нас е доволно развиен за да ги задоволи потребите на купувачите?
Моменталната состојба на пазарот и` парира на моменталната потреба кај купувачите. Верувам дека во иднина ќе има поголема побарувачка од клиентите, а со тоа ќе се зголемува и количината која ќе ни биде потребна. Органскиот свет не` враќа пред многу, многу години кога се беше органско и чисто и кога доматот имаше вкус на домат, а праската на праска. За жал, условите наложуваат, таа храна сега да не` чини поскапо. Но, оптимисти сме дека со поголема заложба на соодветни институции и соодветна стимулација за земјоделците да преминат на органско производство и цените ќе бидат подостапни.
Какви органски производи има во асортиманот на „Беорг“?
Во Беорг секогаш има сезонски производи. Во зима има компир, кромид, зелка, карфиол, брокула, цвекло итн. Во пролет има марула, млад кромид, лук и сл, бидејќи нашите продукти произлегуваат од природата, како што налага годишното време. Соработуваме со искусни, долгогодишни соработници кои се силно посветени на органското земјоделство. Засега производите во Беорг, пристигаат од три места од Македонија. Компирите, зелката, кромидот, цвеклото, празот, лукот, морковот, јајцата, оревите, брокула, карфиол, домат, пиперка, краставица (летен период) и уште многу други производи се произведуваат во Крива Паланка. Сите свежи зачини како нане, босилек, оригано, маточина, рукола, блитва итн ги добиваме од Гевгелија и Струмица. Медот го добиваме од Велес. Имаме и свежа еко зимница која ни доаѓа исто така од Гевгелија. До пред некое време имавме и прекрасни јаболка кои ни доаѓаа од Преспанскиот регион.
Дали имате намера и можност да го проширувате асортиманот и со што?
Нашиот асортиман се зголемува или се намалува во зависност од тоа што имаат да понудат производителите и секогаш има простор за нови производи кои се сезонски и кои може да ја задоволат нашата побарувачка. Некогаш производителите имаат помала количина на одреден производ и ние го нудиме на нашата листа можеби две недели. Некогаш производителот има доволно залиха и за неколку месеци. Така што, секоја понуда на неделната листа на достапни производи зависи од нашите добавувачи.
Каква е соработката со домашните производители на органска храна, заинтересирани ли се македонските земјоделци да се сертифицираат?
Да, Беорг соработува со македонски земјоделци, од кои голем дел се сертифицирани за своите производи и ги исполнуваат критериумите кои сертификационите куќи ги имаат наложено за еден производ да се класифицира како органски. Секогаш сме отворени за нова соработка, и секој кој има органски производ или еко производ е добредојден да не` контактира за да започнеме соработка. Во исто време,секогаш сме транспарентни за тоа од каде доаѓаат нашите производи, дали имаат сертификат, дали станува збор за органски или еко производ, итн.
Имаме тројца долгогодишни соработници, со кои комуницираме секоја недела, разговараме за предизвиците и придобивките од нашата соработка и се трудиме да излеземе во пресрет на клиентите. Земјоделците имаат поголеми трошоци со сертифицирањето на производите и тоа ја зголемува цената на органскиот производ. Од друга страна пак, ги разбираме и клиентите кои некогаш знаат да се пожалат дека производите се поскапи. Затоа сметам дека доколку институциите го поддржат и помогнат органскиот бизнис во Македонија, целата оваа ситуација би можела да се смени во корист на сите, потрошувачите, трговците и на земјоделците.
Имате и онлајн набавки, дали доставувате до дома или имате продавница?
Нашата продавница функционира по принцип на онлајн нарачки. На нашата фб страна (https://www.facebook.com/beorg.mk/) имаме околу 10.000 фанови и таа мрежа се зголемува. Секој четврток постираме листа со производи достапни за нарачка, а на оние кои не користат социјални мрежи им ја испраќаме понудата на имејл. Нарачките траат до понеделник, додека пак среда е ден за подигнување на нарачаните производи од нашата продавница. Истиот процес се повторува секоја недела. И секако, ако некој случајно намине во нашата продавница во среда и доколку има останати производи, може да си купи на лице место. За жал, достава не сме во можност да вршиме, бидејќи сме мал тим, но не е исклучена таа можност.