На 7 и 8 јуни 2018 во х. Изгрев Спа во Струга ќе се одржи првиот Македонски енергетски форум 2018. Форумот е замислен како платформа за споделување и дискутирање за актуелните светски енергетски трендови и влијанието кое го имаат на Македонија и Балканот.
Форумот ќе обедини многу експерти, научници, бизнисмени и високи владини претставници кои ќе ги презентираат своите сознанија, ќе дискутираат и ќе обидат да пронајдат решенија и да развијат стратегии за енергетската иднина на Македонија.
Идејата на ваквиот настан е да се поттикне формален дијалог на теми поврзани со енергетиката и да се понудат алтернативни решенија во однос на геостратешката енергетска позиција на земјата.
Македонскиот енергетски форум 2018 е настан кој се одржува во склоп на стратегијата на државата да одржува меѓународни настани и конференции како дел од процесот на европеизација на општеството.
На форумот веќе е потврдено присуството на неколку клучни говорници како вицепремиерот за економски прашања на Владата на РМ, Кочо Анѓушев; министерот за економија, Крешник Бектеши: советник на премиерот на РМ за енергетика, Митко Андреевски: генералниот менаџер на ЕЛЕМ, Драган Миновски; претставничката на Energy Community Secretariat од Виена, Каролина Цегир и многу други универзитетски професори, претставници на бизнис секторот и експерти од земјава и странство.
Во моментот е отворена и регистрацијата за форумот и истата може да се направи на следниот линк.
За повеќе информации за форумот, целосната агенда и листа на говорници, посетете го следниот линк.
Главниот организатор на форумот е ЗИП Институтот од Скопје, а главен спонзор е ЕЛЕМ. Првиот Македонски енергетски форум 2018 е поддржан и од Владата на Република Македонија.