Социјалните платформи користат исти техники како коцкарската индустрија за да создадат психолошка зависност и да ги интегрираат своите производи во животите на корисниците, предупредуваат експертите. Тие методи можат да активираат слични механизми во мозокот како и кокаинот, пишува Poslovni Puls.
„Постојат цели оддели кои работат на тоа да дизајнираат системи за да предизвикаат што поголема зависност. Тие сакаат постојано да бидете онлајн и ве бомбардираат со пораки, обидувајќи се да го привлечат вашето внимание на нивната апликација или веб страница“ изјави професор Даниел Кругер, експерт за човечко однесување од Универзитетот Мичиген.
Тие методи се толку ефикасни што можат да активираат во мозокот слични механизми како кокаинот, да создадат психичка желба и дури и да предизвикаат и фантомски повици и известувања каде корисниците слушаат зуење на паметниот телефон и кога тоа не е случај.
„Во онлајн економијата приходите се мерат преку континуирана внимателност на потрошувачите – број на кликови и поминато време. Мора да ја препознаеме цената на времето кое го поминуваме на социјалните мрежи. Не станува збор само за игра, тоа влијае на нас финансиски, физички и емоционално“ тврди Наташа Шул, авторка на книгата „Addiction by Design“.
Како и коцкањето, кое физички ја менува структурата на мозокот и ги прави луѓето подложни на депресија и анскиозност, социјалните мрежи се врзуваат за депресија и нивниот потенцијал неповолно да влијаат на корисниците не може да се предвиди или да се потцени.
И покрај тоа, бројот на месечно активни корисници на Facebook достигна 2,13 милијарди на почетокот на годината, што е раст за 14% во однос на претходната година. Причината за тоа е што Facebook стана составен дел од нашите животи и не можеме лесно да го исклучиме. Бихејвиоралниот психолог Нир Ејал го опиша процесот на навикнување.
„Почнува со акција, награда, потоа инвестиција, а преку наредните циклуси преку оваа јадица се создаваат и навиките. Можеме да ги видиме кај различни производи, особено кај социјалните платформи и кај коцкањето. Кога еднаш ќе се оформи навика, она што претходно служело како надворешен фактор, како изввестување или имејл, повеќе не е потребно. Се заменува или се дополнува со некој внатрешен прекинувач, што значи дека формираме ментална поврзаност меѓу желбата да го користиме производот и да ја задоволиме емоционалната потреба. Производот е направен да ве вклучи и вас, но тоа што вклучува некого кај друг создава зависност“, објаснува Ејал.