Според последни истражувања кои анализирале презентации испратени од вкупно 200 стартапи до инвеститори, инвеститорите посветуваат во просек 3 минути и 44 секунди на читање на една презентација. Секоја секунда е важна, а претставувањето пред инвеститори (pitch) треба да биде едноставно и концизно, како и да не опфаќа повеќе од 10 – 15 страници.
Еве на кои десет нешта треба да го ставите фокусот кога се подготвувате да го презентирате вашиот бизнис пред инвеститори.
1. Цел на компанијата
Во само една реченица треба да објасните зошто постои вашата компанија и зошто е важнa. Успешната компанија мора да има утврдено која е причината поради која постои. На пример, Asana не е апликација само за менаџирање на проекти, а Airbnb не е само сервис за изнајмување соби. Asana има мисија да му помогне на човештвото да се движи напред со тоа што ќе ја олесни тимската работа. Airbnb сака да спои милиони луѓе во реалниот живот од целиот свет.
2. Проблем
Најдобрите производи се оние кои решаваат некаков проблем, а вие треба да покажете дека им решавате голем проблем на корисниците, толку голем што тие ќе бидат подготвени да платат за тоа.
Колку е поголем проблемот кој го решавате со производот, толку се поголеми можностите на пазарот. Истакнете јасно зошто е важен да се реши тој конкретен проблем и како планирате да го монетизирате. Исто така објаснете како корисниците моментално го решаваат овој проблем и зошто вашето решение е подобро.
3. Решение
Кога ќе го нагласите проблемот, време е да го образложите решението. Овде истакнете ја уникатната вредност на вашиот производ и причините поради кои купувачот би се одлучил токму за вашиот производ.
4. Зошто токму сега?
Ова е едно од најтешките прашања кои треба да ги одговорите во презентацијата бидејќи тајмингот секогаш мора да е совршен. Некоја идеја можеби пропаднала во 2012 година, но во 2018 доживува вистински „бум“. Добар пример за ова се стартапите базирани на имплементација на соларната енергија во секојдневието.
Исто така, иако мрежата MySpace постоеше пред Facebook, Facebook го погоди тајмингот и стана најголемата социјална мрежа на Интернет.
5. Пазар
Следниот чекор во вашата презентација треба да е пазарот, односно производот кој го нудите да биде соодветен на пазарот кој го таргетирате.
Доколку постои потенцијал на пазарот, тогаш успехот на вашиот стартап е неминовен. Идеален пазар би бил голем пазар со купувачи со голема куповна моќ, но тоа секогаш не е случајот поради што треба добро да го истражите пазарот пред да го лансирате производот. Ако на инвеститорите им дадете податоци за пазарот кој можеби е во раст, идејата повеќе ќе им се допадне.
6. Конкуренција
Наведите ги своите конкуренти и која е вашата предност во однос на нив. Најдобар начин е да напрафите графикон во кои ќе ги споредите вашите карактеристики со оние на конкуренцијата за да бидете поубедливи.
7. Производ
Опишете ги детално карактеристиките на вашиот проивод како функционалност, дизајн, интелектуална сопственост, како и тоа во која фаза од развој ви се наоѓа истиот. Истакнете ја неговата функционалност во споредба со производот на конкуренцијата.
8. Бизнис модел
Неоткривањето на адекватен бизнис модел е причина поради која многу стартапи пропаѓаат. Доколку Facebook одлучеше да ја наплаќа својата услуга, немаше да има толку корисници, поради што решија да го нудат бесплатно, а да се издржуваат преку наплаќањето за реклами.
Прашањата на кои треба да одговорите се: како ќе остварите приход и која ќе биде цената, зошто сметате дека треба толку да наплаќате и кои ви се метриките до сега.
Статистиките кои треба да ги прикажете се CAC или Customer Acqusition Cost (трошоците за обезбедување на клиент) и LTV или Lifetime Value of Customer (вредноста на клиентот од обезбедувањето до крајот на услугата). Ако уште ги немате овие статистики, тогаш истражете ги што е можно побргу.
9. Тим
Инвеститорите најчесто вложуваат во луѓе, не во идеи. Одличен тим со просечна идеја има поголема шанса да добие инвестиција отколку просечен тим со одлична идеја. Airbnb ја добиле првата инвестиција бидејќи основачите се покажале како одлични луѓе кои се подготвени да испорачаат резултати. Не го наведувајте CV-то на секој од тимот или нивните карактеристики, туку наведете едно одлично нешто или проект на кој заедно сте работеле.
10. Финансии
Финансиите се можеби најкомплицираниот дел од презентацијата, но фактот е дека се претставувате пред инвеститори бидејќи парите уште ги немате, а ви требаат. Можеби вашите предвидувања за тоа колку пари ќе ви бидат потребни и вашите барања треба да бидат нереални за да покажете дека сте амбициозни.