Програмата „Развој на одржливи социјални бизниси“ ќе ги обедини социјалните претприемачи во Струга

- Advertisement -

Градот Струга наредниве три дена ќе биде домаќин на социјални претприемачи од  Југозападниот регион кои што ќе бидат дел од едукативната програма „Развој на одржливи социјални бизниси“ која што ќе се одржува во хотелот Дрим.

Програмата, чија цел е да ги зајакне капацитетите на постоечките социјални претпријатија од овој регион на земјава, во исто време ќе укаже и на придобвиките  што ги носи социјалната економија како сектор кој развива економски активности за важни општествени цели. Во исто време, ќе бидат споделени европски и светски искуства кои ја манифестираат улогата на социјалната економија во создавањето соодветен пазар на труд за ранливите групи, како и знаења за нејзиното влијание во обезбедувањето соодветен еко систем за развој на локалните услуги и производи.

- Advertisement -

Работилницата е во рамки на проектот „Социјални претпријатија – мост помеѓу социјалните претпријатија и традиционалните бизниси (SE-Bridge)“, финансиран од Европската унија во рамките на програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија, а во имплементација на Центарот за развој на претприемачи и менаџери CEED Македонија, и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој Паблик.

Извршната директорка на Паблик, Климентина Илијевски, нагласи дека и покрај бројните ресурси кои можат да обезбедат одржлив развој на Југозападниот регион, тој има најголем број корисници на социјална помош, втор е по височината на стапката на невработеност која станува симптоматична во руралниот дел од региониот, а исто така има и најголема стапка на згаснување на претпријатија.

- Advertisement -

„Затоа, неопходни се дополнителни напори и на Владата и на локалната самоуправа за унапредување на еко-системот кој поттикнува развој на мали и микро претпријатија. Во таа насока, потребна е мултисекторска соработка, која би ги ставила социјалните претпријатија во фокус, пред сѐ поради нивната тесна соработка со локалните заедници и нивните внатрешни механизми за добро управување кои промовираат вредности, социјална кохезија и интеграција“, заклучи Илијевски.

Целта на иницијативата е и интензивирање на соработката на социјалните претпријатија со традиционалниот бизнис сектор.

- Advertisement -

„Социјалниот бизнис сектор е многу важна алка во системот на економското делување, дотолку повеќе што дополнителната социјална активност решава горливи општествени проблеми. Затоа, од исклучително значење е работата на социјалните претпријатија да се темели на економски принципи и тесно да соработува со традиционалниот бизнис сектор. Оваа програма е дизајнирана да даде поддршка на сите СП кои се охрабриле со својата економска активност да помогнат во решавање на конкретен општествен проблем или групи на луѓе.“, вели Елена Хаџи Пецова менаџер на CEED Hub, Скопје.

Инаку, во Европа постојат 2 милиони социјални претпријатија и претставуваат 10% од сите бизниси во Европската унија. Всушност, повеќе од 11 милиони луѓе (или 6% од сите вработени во ЕУ) работат во претпријатија за социјална економија. На социјалните претпријатија се гледа како на потенцијални ефективни модели за решавање на важни социјални прашања кои директно влијаат на маргинализираните групи. Оттука, социјалната економија и социјалните претпријатија имаат важна улога и влијание како добавувачи на секој пазар.

Сподели!
- Advertisement -