Кога се подготвуваме за бизнис патување имаме на располагање стотици алатки и опции со кои не само што поефикасно ќе планираме, туку и ќе си го олесниме патувањето.
1. Паметни алатки за планирање и организирање на деталите од патувањето
Мобилните апликации приспособени конкрено за бизнис патувања можат да ви заштедат пари, време и нерви. Особено доколку сте бизнис личност тогаш треба да разгледате и да искористите една од алатките за резервирање кои можат да се синхронизираат со електронските агенди и да предложуваат хотели, летови и опции за изнајмување на автомобили.
Исто така, преку одредени апликации можете да добивате поени и километри кои пак може да ги искористите за различни предности.
2. Проверувајте за летови во еден правец
Кога се работи за бизнис патување, добро е да ги споредите цените и опциите за резервирање на еднонасочни летови до и од дестинацијата. На овој начин често пати може да се заштеди во однос на купувањето повратни летови бидејќи ја имате слободата да изберете различни авиокомпании и различни дестинации преку кои ќе летате.
3. Споредете ги бенефитите кои ги нудат приватните апартмани и хотелите
Многумина од нас веќе се навикнаа на приватно сместување преку некои од сервисите кои станаа достапни и често пати ги избираме бидејќи имаме повеќе место и комфорт и најчесто за помалку пари. Некои од апартманите дури нудат мали кујни и простор наменет како дневна соба за да можат оние кои го изнајмиле апартманот да се чувствуваат повеќе како дома. Но не треба веднаш да заборавиме од хотелите. Некои од нив може да нудат бесплатен појадок, бесплатен превоз од аеродромот и назад, како и базени и спа центри. Проценете која опција е најдобра во зависност од тоа за какво патување станува збор.
4. Резервирајте летови на време
Иако бизнис патувањата понекогаш ни доаѓаат во последен момент кога мораме да ги приспособиме агендите и онака исполнети со состаноци, секогаш гледајте да донесете одлука за патувањето на време за да не мора да платите многу за летови.
Истражувања покажале дека е најдобро да ги резервираме летовите најдоцна осум дена пред патувањето бидејќи летовите резервирани последната недела пред летот се околу 44% поскапи од обично. Но исто така…
5. … размислете добро дали да го купите најевтиниот лет
Многу авиокомпании веќе нудат т.н. basic economy fares за кои е потребно да доплатите доколку на пример сакате повеќе багаж, но овие опции најчесто не се најдобри за бизнис патувања кога најверојатно ќе треба да понесете облека за неколку пригоди и ќе сакате да патувате удобно и без стрес за да бидете целосно фокусирани на работата која ве чека на патувањето.
6. Откажете се од хартијата, чувајте ги сметките електронски
Кога патувате за бизнис, земете ги предвид апликациите кои ви дозволуваат да ги претворите сите физички сметки во електронски, а овде можете да ги зачувате и авионските билети и картите за качување во авионот. На овој начин, освен што ќе заштедите време барајќи го билетот за да го покажете при патувањето, ќе заштедите и место и непотребни папки со документи – едноставно сѐ ќе ви стои на телефонот.