Најголемиот оператор со ресторани во централна Европа, Amrest holdings, денеска најави дека планира годинава да отвори во Србија локали на синџирот кафетерии Starbucks.
„Првиот локал на Starbucks ќе биде отворен во текот на годинава во Белград, град со долгогодишна традиција на уживање во кафето. AmRest е водечки оператор со кафулиња на Starbucks во регионот на централна Европа, а Србија претставува најнов пазар на кој компанијата ќе ја отвори првата кафетерија”, се вели во соопштението на компанијата, пренесува Bizlife.
Претседателот на Starbucks за компанијата Аmrest, Адам Муларук, изјави дека му е многу драго што со отворањето на првиот локал во Белград компанијата ќе може на гостите во Србија да им понуди единствено Starbucks искуство.
„Оваа земја има богата култура на кафе и однапред се радуваме што ќе станеме дел од неа и што ќе можеме на посетителите да им понудиме место каде што ќе можат да уживаат во квалитетно кафе и да ја откријат нашата страст,“ објасни Муларук.
Компанијата Amrest, која првиот локал го отвори во Прага во 2008 година, сега има повеќе од 300 Starbucks кафетерии во Полска, Германија, Чешка, Словачка, Унгарија, Рoманија и Бугарија.
Starbucks е компанија основана во 1971 година во Сиетл, САД, а сега има повеќе од 28.000 локали ширум светот. Се смета за најголема компанија за пржење и продажба на специјално кафе.