Пијаните патници многу често се вистински кошмар за возачите на такси возила затоа што никогаш не можат да бидат сигурни како ќе се однесува некој што испил премногу. Дали во текот на возењето ќе се кара, ќе биде агресивен или ќе прави други проблеми.
За да ги решат тие проблеми, од Uber неодамна поднесоа патент за вештачка интелигенција која ќе може да ги препознава потенцијалните пијани патници при повикување такси преку мобилната апликација, пренесува Zimo.
Ако вештачката интелигенција препознае необично однесување – побавно или побрзо користење или ако се земат предвид и некои други фактори како времето и местото, за тоа ќе се извести Uber, односно нивните возачи.
За таквите патници ќе може да се применат посебни правила: нема да може да се возат со други патници, а би ги превезувале само возачи кои веќе имаат искуство со такви патници и поминале посебна обука и тренинг за справување со слични ситуации.
Исто така, еден од проблемите со пијаните патници се и самите возачи на Uber, затоа што неодамнешното истражување кое го спроведе CNN покажа дека во изминатите четири години во САД 103 возачи на компанијата се обвинети за сексуален напад на патници, а нивните жртви често пред нападот пиеле алкохол или биле пијани.
Што се однесува до возачите кои имаат проблеми со пијани патници, тие за секој превоз на пијана личност треба да добијат паричен надомест затоа што се работи за посебни и некогаш опасни ситуации за возачите.