Владите на Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина го финализираат планот за воведување на летови меѓу Скопје и Сараево кои ќе се одвиваат преку Подгорица, пишува порталот Еx Yu Aviation News.
Според работната верзија на договорот помеѓу државите, сите авиокомпании, вклучувајќи ги и оние кои оперираат надвор од трите држави, ќе бидат повикани да се пријават на конкурсот за оваа авиолинија, со тоа што дел од трошоците ќе бидат покриени со државни субвенции.
„Преговорите се во тек и се надеваме дека оваа услуга ќе ја зголеми меѓуповрзаноста на трите главни градови.“, изјавил црногорскиот амбасадор во Сараево, Велимир Шљиванчанин.
Дополнително, премиерот Зоран Заев изјавил дека условите во договорот меѓу Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина се веќе дефинирани, а истиот ќе биде испратен прво до авиокомпаниите кои веќе летаат во регионот и од нив ќе биде побарано да достават понуда. Трите влади веруваат дека ваквата авиолинија ќе ги поттикне трговијата и туризмот, како и поголема меѓусебна посетеност на граѓаните од трите држави.
Поранешниот босански национален авиопревозник, B&H Airlines, од време на време леташе на релација Сараево – Скопје неколку години, но линијата беше прекината, а одреден период линијата се одвиваше и преку Подгорица.
Единствениот странски авиопревозник кој некогаш летал помеѓу два главни града на Балканот беше Flydubai кој минатата зима леташе од Сараево до Подгорица. Летовите беа овозможени бидејќи Обединетите арапски емирати имаа договор за отворено небо со Црна Гора и Босна и Херцеговина што ѝ овозможуваше на компанијата Flydubai да ги реазилира овие летови. Македонија исто така е потписник на ваков договор со Обединетите арапски емирати што ги отвора можностите за оваа авиокомпанија да се пријави за летот Скопје – Сараево преку Подгорица.
Друг потенцијален авиопревозник би можел да биде WizzAir кој неколку години има база во македонскиот главен град.