Изградба и реконструкција на локална патна мрежа, атмосферска канализација и реконструкција на основно училиште, се проектите за кои денеска ќе се потпишат договори во Министерството за финансии. Во рамки на Проектот за подобрување на општинските услуги на Министерството, шест општини ќе добијат 290,7 милиони денари за реализација на осум капитални проекти.
Договорите, како што информира Министерството за финансии, ќе се потпишат од министерот за финансии Драган Тевдовски и градоначалниците на Центар Жупа Аријан Ибраим, на Желино Блерим Сејди, на Студеничани Азем Садику, на Кавадарци Митко Јанчев, на Илинден Жика Стојановски и на Кисела Вода Филип Темелковски. На потпишувањето на договорите ќе присуствува и директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија Марко Мантованели.
Во општина Желино, ќе се изврши реконструкција на основното училиште во населбата Палатица, во кое учат околу 300 ученици. Исто така, во општината ќе се изврши реконструкција на локален пат во село Групчин и локален пат во село Ново Село.
Реконструкција на осум улици и булевар ќе се изврши и во општина Кавадарци, додека во општина Илинден – реконструкција на потегот од Кадино до клучката до автопатот А4. Во општина Студеничани освен реконструкција на улица се предвидува и партерно уредување на централниот дел на населеното место Студеничани.
Во рамки на договорите кои денеска ќе се потпишат е и проектот за изградба на локален пат кој ги поврзува населените места Елевци и Долгаш во општина Центар Жупа.
Во општина Кисела Вода ќе се направи атмосферска канализација на улиците во населба Пржино.
Проектот за подобрување на општинските услуги го спроведува Министерството за финансии, со поддршка на Светска банка, како и на Европската унија преку ИПА.
Целта на проектот е преку инвестиции во капитални проекти да се подобрат условите за живот во сите општини во Македонија. Преку проектот се финансираат изградба и реконструкција на локални улици, на комунална мрежа, изградба или реконструкција на училишта, градинки и други јавни објекти во општините.