Поради автоматизацијата, роботите и вештачката интелигенција многу луѓе остануваат без работа, а најлошото допрва доаѓа во текот на идната деценија, кога роботите ќе можат да заменат десетици милиони луѓе на многу работни места. Сега никој не знае што ќе се случи тогаш со тие што ќе останат без работа, и во иднина тоа може да биде глобален проблем.
Јапонскиот хотел Henn-na пред неколку години се обиде да заштеди на трошоци за работна сила и наместо луѓе, на многу позиции стави роботи. Роботите можат да работат три смени без прекин, не бараат годишен одмор, боледување или поголема плата, туку само слушаат и работат.
Но, постои една работа на која не се сетиле шефовите на хотелот – роботите уште не се доволно добри за да ги заменат луѓето целосно, барем во оваа индустрија. Работата која не можеле да ја завршат роботите на крајот пак ја вршеле луѓе, па хотелот донесе одлука да отпуштат многу роботи, на чии места во иднина ќе работат луѓе.
Отпуштени се околу половина од вкупно 240 роботи, односно дел од нив се „пензионирани“ затоа што станува збор за постари машини за кои полесно е да да се фрлат отколку да се заменат. Секоја соба во хотелот имала робот направен во форма на кукла наречена Чури (Churi). Тоа е гласовен асистент кој требало да известува за работното време на продавници, музеите, кината и сл, но во пракса не се покажал ефикасен и неговите одговори често не биле прецизни.
Без работа останале и роботите на рецепција, затоа што нивната работа на крајот морале да ја вршат луѓе, додека роботските носачи на багаж можеле да стигнат до само 24 од 100 соби, а често останувале и заглавени во ходниците. Исто така, не можеле да се движат по дожд и снег, па на крајот и нив ги замениле луѓе. Ни роботот кој ги дочекувал гостит на влезот не поминал полесно – иако имал задача да одговара на прашања за туристичките атракции и распоредот на летови, не се снашол добро во својата улога.
Бројните откази за роботите во јапонскиот хотел покажуваат дека уште не е време за масовна замена на луѓето со роботите во оваа индустрија, но јасно е и дека не можеме да го запреме развојот на технологијата, роботиката и вештачката интелигенција.