Еден ден ќе биде доволно само да го погледнете својот автомобил и тој ќе се отклучи. На технолошкиот гигант Apple му одобрија патент за биометриска технологија која на возачите ќе им овозможи пристап до возилата, односно автомобилите сами ќе се отклучат кога ќе го препознаат лицето на сопственикот.
Патентот беше јавно објавен непосредно пред масовното отпуштање во одделот за развој на беспилотни возила во Apple. Патентот покажува дека Apple ги добил правата на систем за препознавање лице. Таквиот систем би им овозможил на автомобилите да ги отклучуваат вратите кога ќе се приближи регистрираниот корисник, а можеби и да паметат како сака да му биде наместено седиштето и ретровизорите.
Наводно, Apple го поднесол барањето за патентот на почетокот на 2017 година. Кон крајот на јануари годинава компанијата отпушти 2.000 работници кои работеа на проектот Titan за развој на беспилотни возила. Компанијата неколку години веќе работи на беспилотни автомобили, па не е јасно дали патентот е дел од проектот Titan или е дел од активен проект во лабораториите на Apple.
Нема најава дали и кога оваа технологија ќе стигне до идните автомобили, а ако се случи тоа, ќе се соочиме со нови предизвици меѓу удобноста и приватноста.