2018 година, најуспешна за осигурителната индустрија, дигитализацијата во фокусот!

- Advertisement -

Минатата 2018 година претставува најуспешна година за осигурителната индустрија во нашата земја во последнaта декада. Осигурителниот сектор забележа раст во однос на сите сегменти на неговото функционирање: бруто полисираната премија (БПП), број на продадени договори за осигурување, поголема исплата на штети, пораст на капиталот, пораст на активата и на финансиските вложувања како дел од активата, како и поголема профитабилност на друштвата за осигурување, истакна д-р Климе Попоски, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија.

Во 2018 година остварена е БПП во вкупен износ од 9,93 милијарди денари, што претставува пораст на приходите од 10,40% во однос на претходната година. Во текот на 2018 година друштвата за осигурување склучиле 1.476.374 договори, при што се забележува пораст од 6,55%, од кои 1.454.110 полиси се во рамките на неживотно осигурување, што претставува пораст за 6,26%, додека 22.264 се полиси за осигурување на живот, односно зголемување од 29,57% во споредба со 2017 година.

- Advertisement -

Во делот за неживотно осигурување остварена е БПП во износ од 8,55 милијарди денари (раст на приходите од 9,43%).

Во структурата на БПП, и понатаму најзначајна категорија е задолжителното осигурување од автоодговорност (АО) со учество од 43,45%. БПП за оваа класа на осигурување изнесува 4,31 милијарди денари и во споредба со 2017 година бележи пораст од 6,04%.

- Advertisement -

Во минатата година се забележува голем подем и во продажбата на здравственото осигурување. Во 2018 година остварена е БПП од 125,71 милиони денари што претставува пораст од 116,37% во однос на претходната години.

Кај осигурувањето на живот се забележува пораст на приходите од 15,48% во однос на претходната година со остварена БПП од 1,67 милијарди денари со што продолжува трендот на двоцифрена стапка на пораст на приходите.

- Advertisement -

Друштвата за осигурување во 2018 година исплатиле бруто – износ на штети од 3,92 милијарди денари. Во споредба со 2017 година бруто исплатените штети бележат пораст од 9,53%, додека, учеството на реосигурувањето во бруто исплатените штети изнесува 13,19%.

Ѓорѓе Војновиќ, претседател на Здружението на осигурувањето при Стопанската комора на Македонија, истакна дека осигурителната индустрија во Македонија континуирано се развива и станува исклучително конкурентна и динамична, што секако придонесува за  подобрување на квалитетот на услугите што се нудат.

Генерално, осигурителниот пазар во Македонија се` уште има простор за раст, особено во незадолжителните класи на осигурување и тоа кај осигурувањето на имот и на живот, приватното здравствено осигурување  и посебно осигурувањето од професионална одговорност, имајќи го предвид се` поголемиот интерес и поголемата едукација на граѓаните за потребата од осигурување.

Еден од најзначајните сегменти во осигурувањето е доброволното приватно здравствено осигурување коешто во последните години доживува вистинска експанзија, за што Здружението на осигурувањето достави иницијатива за даночни олеснувања, бидејќи како уникатен финансиски производ опсегот на ризиците што ги покриваат пакетите и продуктите што ги нудат се` повеќе се препознаваат како голема придобивка за граѓаните.

Дигитализацијата на процесите и на каналите на комуникација е еден од најважните и најнеизбежните предизвици со коишто се соочува и осигурителната индустрија во моментов.

Оттука, за да ја олеснат интеракцијата со клиентите и да ги направат услугите подостапни, но и за да понудат едноставна и брза услуга, се` поголем број осигурителни друштва овозможуваат и „онлајн“ обновување на полисите за осигурување од автоодговорност, пријавување штета, следење на статусот на истата, полиси за патничко осигурување и други услуги, со што во земјава почна праксата којашто веќе подолго време е присутна на поразвиените пазари, – истакна претседателот на Здружението Ѓорѓе Војновиќ.

Исто така, беше напоменато дека Македонија треба да ја усогласи законската регулатива со ЕУ-директивите и до крајот на 2019 година е предвидено да се донесе нов закон за осигурување, базиран на Директивата Солвентност 2. Со новиот закон за осигурување ќе се зајакне и заштитата на осигурениците, ќе се обезбеди транспарентност во работењето на осигурителните друштва и ќе се постигне поголема подготвеност на осигурителната индустрија за соочување со конкурентските притисоци од внатрешниот пазар на ЕУ.

 

 

Сподели!
- Advertisement -