Последниве дваесет години сме сведоци на големи технолошки напредоци. Светот во кој живееме веќе не е ист. Се соочуваме со огромни промени, а дигитализацијата е дел од нашето секојдневие. Излегоа иновации кои го револуционизираа начинот на кој живееме и работиме. Почнуваме да користиме 5G мрежи кои ќе ни овозможат да бидеме поврзани од било каде, со неворојатни брзини од дваесет гигабајти на секунда, независно дали сме на планина, во пустина, било каде!
На пример минатата недела, во Барселона беше изведена првата хируршка операција на далечина со помош на 5G. Докторот кој ја водеше операцијата им даваше совети и техничка помош на тимот лекари на оддалеченост од 5 километри од болницата. 5G овозможи пренос со доцнење од 0,01 секунда, наспроти 0,27 секунди со 4G мрежата, која сега се користи во светот.
Сведоци сме на невидена еволуција, на прогрес незабележан во досегашната историја. Се оди брзо, напред, и нема веќе враќање назад.
Благодарение на платформата „Интернет на нештата“ иднинината веќе се случува денес. Фрижидер што самиот нарачува храна од маркет, ветерници што сами „одлучуваат“ кога да работат, електрични автомобили што сами дијагностицираат дефект и се јавуваат на сервис.
Комуникациската технологијата овозможи нови начини на истражувања, нови научни сознанија за тоа како функцинира мозокот, огромен бран на научни сознанија со кои дознавме многу за нашето функционирање, сознанија кои имаат за цел да ја унапредат добросостојбата на луѓето.
Комуникациската технологијата има и силна социјална компонента, и влијае врз развојот на личноста, го менува животот, што воедно беше и повод да разговаравме со професорот по психологија Огнен Спасовски од Институтот за психологија на Филозофскиот факултет при УКИМ.
Како технологијата може да влијае врз развојот на личноста?
-Во професионалните кругови е непобитно јасно дека технологијата влијае врз развојот на личноста, но и дека ја менува личноста. Но, како сè технологијата влијае врз развојот на личноста и какви промени предизвикува, предмет е на обемни истражувања во светските центри, за кои сеуште немаме еднозначни резултати.
Користењето на технологијата и пресметувачкото мислење (computational thinking) поттикнува позабрзан и поинтензивен развој на одредени неврални стуктури во мозокот, а како тоа ќе се одразува на севкупното ментално функционирање, останува да се истражи. Луѓето стануваат поосетливи и покомпетентни за визуелни информации, а тоа влијае и го менува начинот на кој ги структурираме и обработуваме информациите. Тоа ја менува и нашата севкупна комуникација со другите.
Технологијата и изложеноста на технологијата го менува и начинот на кој денес го перципираме времето, начинот на кој ги планираме нештата и како гледаме на иднината.
Можностите и користењето на технологијата влијаат и на развојот на нашата мотивација. Нашите цели, како краткорочни така и долгорочни, се помногубројни, пофлексибилни, градат сложени и различни целини и бројни и различни замислени животни патеки. Овие промени недвосмислено ја менуваат личноста во целина.
Како еволуциската и позитивната психологија се поврзани со технологијата?
Еволуциската психологија ни покажува дека нашиот мозок и когнитивниот апарат функционираат модуларно. Когнитивните процеси и активности се реализираат секвенционално и низ алгоритми, односно, исто како и комјпутерите. Оттука, денес кога дигиталната технологија е во секоја пора на живеењето, ние нужно треба да најдеме начини на кои технологијата конструктивно ќе ја поврземе со секојдневниот живот и работа, а посебно во развојот на децата и нивните училишни обврски.
Пресметувачкото мислење, кое е аналогно на работата на компјутерите, треба да биде дисеминирано кроскурикуларно во целата наставна програма на децата. Тоа не значи нужно дека децата треба да поминуваат време на екрани (а уште помалку на социјални мрежи), затоа што има многу други начини со кои може да се развива пресметувачкото мислење, на пример, низ кодирање преку различни форми на роботика.
Позитивната психологија за главна цел има да им помогне на луѓето и заедниците да ги развијат своите потенцијали. Ако технологијата е екстензија на нашите сетила и когнитивни капацитети, логично произлегува дека технологијата пружа огромни можности да постигнуваме цели за кои нашите органи се ограничени.
Воедно, истражувањата во позитивната психологија за влијанието на социјалните мрежи и технологијата врз луѓето, само по себе е невозможно без современата технологија.
Технологијата овозможува нови начини на истражувања, нови инструменти, со кои добиваме научни сознанија за тоа како функцинира мозокот или други структури во одредени ситуации, што порано било невозможно. Оттука, комуникациската технологијата овозможи огромен бран на научни сознанија со кои дознавме многу за нашето функционирање. Најважно е што тие сознанија се користат да ја унапредат добросостојбата на луѓето и да го намалат страдањето.
Колку технологијата Ви помага конкретн во Вашата секојдневна работа?
Од претходно кажаното, јасно е дека денес е невозможно занимавање со некоја професија без користење на технологијата. Ова важи и за мене, бидејќи технологијата ни помага и во дизајнирањето и во реализирањето на истражувањата, но и во реализирањето на самата настава.
Треба да научиме технологијата да ја користиме за добро! Да ја искористиме за да го придвижиме општеството понапред, да се надградиме, да си го направиме животот полесен, да поттикнеме позитивни иницијативи кои водат кон општо добро, а не да дозволиме да станеме зависни од неа.
До нас е како и колку ќе ја користиме комуникациската технологија. Едно е сигурно, таа може да реши многу проблеми со кои се соочуваме, да помогне да имаме почист воздух и почиста вода, да добиваме енергија од еколошки обновливи извори, да имаме поефикасен систем на рециклирање, подобро да ги користиме ресурсите, да имаме побрзи и поефикасни административни процеси и услуги, со нејзина помош да заработуваме… да имаме подобар живот.