Светски производители на мебел ја користaт иновативната 3Д технологија на компанијата Цилиндо од Битола

- Advertisement -

Водечки светски производители на мебел во светот, неколку години наназад ја користат иновативната 3Д технологија на стартап компанијата Цилиндо од Битола. Над 3.000 веб сајтови и физички продажни салони за мебел ширум светот ја користат нивната технологија, која ги визуелиза продуктите со што се поедноставува онлајн продажбата и се подобрува купувачкото искуство преку интернет. Интервју со Александар Ташоски, VP of Delivery  во Цилиндо

Компанијата во изминатите 7 години покажа дека во нивната ДНК е вграден млад и брзорастечки стартап кој се базира врз иновациите и амбициите на овој исклучително млад и талентиран тим. Токму оваа компанија својата мисија да стане глобален лидер во визуелизација на продукти ја реализира со многу позитивни одговори од најголемите светски трговци на мебел.

Фотограф: Петар Тасевски

- Advertisement -

Новинар: Љубица Ангелкова

Цилиндо е компанија која брои скоро 100 вработени со канцеларии во Копенхаген, Бостон, Битола и Скопје. Како започна оваа приказна која Битола ја стави на светската мапа на успешни компании?

- Advertisement -

Александар:  Се започна со соработката која ја остварив со Јанус, сегашниот главен извршен директор на Цилиндо. Тогаш како коосновачи на нашата компанија во Битола, јас и Борко, сега одговорен за истражување и развој, бевме во потрага по иновативни партнерски компании на кои би ги нуделе нашите услуги. Со тогашниот продукт, на кој работевме заедно, освоиме и награда за најдобра апликација. Таа иницијална соработка се преточи и во Цилиндо, каде што ги споивме силите за да го правиме ова што го правиме денеска.

Станавте познати по трендот он-лајн шопингот да биде во 3Д димензија. Што Ве поттикна на тоа?

- Advertisement -

Александар: Он-лајн продажбата бележи огромна експанзија. Од друга страна пак, премисата дека треба повеќе да покажете за повеќе да продадете се чини дека ќе го дефинира како ќе изгледа он-лајн продажбата во иднина. Новите технологии кои ни се на располагање и кои ги поддржуваат веб прелистувачите нудат опции за прикажување во 3Д, прикажување на производите во реалистична околина, дури и во вашата соба, со користење на AR (augmented reality). Цилиндо го препозна тоа и прерасна во платформа која нуди сеопфатно решение за он лајн шопинг 3д визуелизација. Основниот проблем со кој се соочуваат нашите клиенти, било да се прозводители или продавачи, е визуелизацијата на продуктите. Цилиндо има уникатен пристап, кој ја прави визуелизацијата лесна за нашите клиенти.

Главно бевте фокусирани на најголемите компании за производство на мебел. Кои се вашите клиенти?

Александар: Цилиндо е платформа за 3Д визуелизација без разлика на тоа за каков продукт се работи. Најголем број од нашите клиенти се од индустријата на мебел, затоа што тоа е пазар на кој сме добро етаблирани. Наши клиенти се Ligne Roset, Palliser and Jerome’s, Ethan Allen, Century Furniture, Kravet, Timothy Oulton и многу други.
Нашата технологија и проблемите кои се обидуваме да ги решиме за нашите клиенти се проблеми со кои се соочува секоја модерна компанија на која и треба стратегија за он-лајн визуелизација. Нашиот фокус е на иновативните решенија кои ги нудиме без разлика на индустријата во која работат нашите клиенти.

Вашите вработени се мошне мотивирани. Како го постигнувате тоа?

Александар: Ова е комплексно прашање и наука за себе, но ние се обидуваме постојано активно да работиме на тоа поле. Ние веруваме во тоа дека секој сака да има добар перформанс, секој сака да напредува во својата улога, да постигне нешто преку својата компанија и да види како неговата компанија, благодарение на заедничките напори се движи во нагорна линија. Некои од овие аспекти е тешко да се увидат на краток период, или додека сте заглавени во некоја дневна задача, но затоа се обидуваме да организираме неделни локални и месечни глобални  состаноци, на кои ги гледаме податоците од повисока перспектива. Дури тогаш може да се види како секој индивидуален напор се отсликува во успех на копманијата. Покрај тоа во нашите простории постојано имаме live feed за сите работи кои се одвиваат во компанијата и тоа оди истовремено на сите 4 локации. Тука може да се види кои се последните клиенти кои ги обезбедил тимот за продажба, кои се последните податоци од тимот за маркетинг, што испорачале тимовите за клиентите итн. Веруваме дека оваа транспарентност им помага на сите да ја видат големата слика. Покрај ова, постојано се работи на подобрување на алатките кои ги користиме во нашата секојдневна работа, па така да секој што бил со нас неколку години може да види како нешто што се работело рачно сега е автоматизирано итн. Дополнителни бенефиции, приватно здравствено осигурување, тим билдинг активности дополнително влијаат на мотивираноста.

Како ја поттикнувате иновацијата кај вработените?

Александар: Секој вработен може слободно да прашува и да дава свои идеи на сите глобални и локални собири. И на дневна основа, секој може да колaборира во рамките на својот тим и да предлага определени идеи или подобрувања. Понатаму, секој може да биде дел од тим кој работи на имплементација на нова технологија во стандардната продукција, па тука може да се даваат предлози и идеи околу новата технологија. Во голем дел технологиите за автоматизација кои ги применуваме, како и самиот Цилиндо систем, се технологии развиени од самата команија, па така секој од нашите вработени има шанса да работи со оваа технологија. Дури и кога се работи на стандарден продукт при креирањето на материјалите или текстурите ние ја стимулираме иновативноста и потрагата по највисок квалитет.

Кој се може да работи за Вас?

Александар: Секој што сака да направи промена со тоа што го работи може да се пронајде во некоја од нашите позиции. Со оглед на тоа дека имаме различни сектори, позициите се движат од 3Д моделирање, текстурирање, дизајн, рендеринг, маркетинг, финансии, проектен менаџмент, човечки ресурси и друго. Во нашата компанија работат луѓе со различни нивоа на образование и искуство, од архитекти, фотографи, сметководители, претприемачи, сертифицирани менаџери,  луѓе со 5 патенти зад нив, до луѓе кои ги прават првите чекори во нивната кариера. Секако имаме процес на селекција и евалуација, но секогаш сме отворени за сите кои имаат искрен пристап, желба за предизвик и сакаат да бидат горди со тоа што го работат.

Сподели!
- Advertisement -