Француската компанија NOWA од Париз на платформата за групно финансирање Kickstarter стартуваше проект со кој на пазарот сака да го презентира својот паметен часовник NOWA Superbe, за кој велат дека е комбинација од врвниот традиционален француски дизајн и опции за следење на сонот, задавање цели за вежбање и автоматско подесување на времето според зоната во која се наоѓате.
Иако часовникот многумина не би го нарекле паметен затоа што му недостига битен елемент – екран со сензори како „вистинските“ паметни часовници за да може да се поврзе со Android и iOS телефони, производителот вели дека магијата на часовникот е во тоа што не треба да се полни. Во себе има батерија CR2025 која овозможува негово непречено користење цели 8 месеци по што мора да ја замените батеријата.
Ако сакате да го набавите, треба да уплатите 99 евра за кампањата на Kickstarter, па ќе го добиете во август годинава, додека подоцна во малопродажба ќе чини 189 евра.