Овој текст е инспириран од реклама која ја направија учениците од едно училиште, членови на МАССУМ (Младинска Асоцијација на средни стручни училишта во Македонија), по повод натпреварот за најдобра „видеореклама”. Ние како Македонија-Експорт сме дел од жирито за оценување на учениците во неколку категории (натпревари), а и им помагаме колку можеме во организацијата и финансирањето на активностите. Инаку, оваа можност ја користам и да ве поканам сите утре и задутре (12 и 13.4) да дојдете во Кичево, во училиштето СОУ „Мирко Милески”, да присуствувате на 14-то МАССУМ Образовно рандеву, и да видите што прават тие прекрасни млади умови и креативци. Тие се доказ дека кај нас сепак има млада сила која дава надеж, дека оваа држава има иднината (освен ако не си отидат, во меѓувреме).
Во нивното видео тие даваат една интересна перспектива на мрзливоста (секако донесена од истражувањето што го направиле). Нивната порака е дека, и покрај тоа што на мрзливоста, генерално, се гледа како наша негативна карактеристика, па дури и грев (според некои религиозни гледишта), таа е особеност на интелигентните луѓе што им помага да се мотивираат и да работат на поголеми задачи и да постигнат поголеми успеси.
Во суштина, интелигентните луѓе имаат развиено матрица во мозокот, со цел да ги игнорираат малите и ситни задачи и информации од околината кои ни создаваат мали количества на допамин и затоа бараат поголеми предизвици и сложени задачи (кои ќе им донесат поголемо количество на допамин) и ќе им донесат поголема мозочна стимулација. На тој начин постигнуваат поголеми резултати и успеси.
Сепак, дали ќе биде мрзливоста негативна или позитивна за нас, мора да ја разгледаме од повеќето аспекти на нејзиното значење и влијание:
- Мрзливост, од аспект на немање желба за живот, апатија, депресија или енергија да промениме нешто. Тоа може да биде поврзано и со намалена самодоверба, непризнавање од околината инт.
- Мрзливост, од фројдовски аспект на „принципот на задоволство” (pleasure principle). Според него, сите ние инстинктивно се стремиме кон остварување на „задоволство”, наспроти „болка” со цел да ги задоволиме нашите биолошки и физиолошки потреби. Во суштина, целата негативна асоцијација на мрзливоста е поради ова овој принцип (или овие луѓе).
- Мрзливост од аспект на одбивање (Avolition). Тоа претставува намалена мотивација да се иницира или да се изврши некоја активност со повисока цел/значење. Намалената мотивација највеќе е поврзана со рутински работи (работа, школо, вежбање)…
- Мрзливост, од аспект на интелигентните луѓе (како во случајот со пораката на средношколците од МАССУМ).
- Или едноставно, мрзеливост од аспект на „позитивно безделничење”. Ова е некоја моја кованица, а се однесува кон работливите луѓе, како реакција на нивната премореност или преработеност. Па едноставно, некогаш и сакаш да се чувствуваш „мрзливо” и едноставно ништо да не правиш.
Во секој случај, од кој аспект и да гледаме, а за секоја од овие точки може да се дебатира на долго и на широко (а бидејќи мене ме мрзи во моментов да навлегувам подетално), ако сакаме да се мрднеме од точката на мрзливост и да направиме акција, потребна ни е некаква стимулација, што ни носи некое задоволство т.е. лачење на допамин. Најдобар начин да го постигнеме тоа е преку: стимулација од надворешни информации, храна, секс и каква било физичка активност. Од сите овие стимуланси, како најважна и која најлесно може да се практикува (според сите анализа и истражувања за мрзливоста), е физичката активност.
Разбијте ја мрзливоста и почнете со некоја спортска (физичка) активност.
Со успех во промените,
Петар Лазаров, Член на тимот