Подготовки за напредната технологија се одвиваат и во Македонија
Новините на европскиот телекомуникациски пазар бргу ќе се имплеменираат и на македонскиот, потврди во Виена, Мислав Галер, извршен директор на Вип, компанија членка на Телеком Австрија Групацијата.
„Во тек е дигитална трансформација во светот. Всушност станува збор за голема револуција. За нас како даватели на инфраструктурни услуги на македонскиот пазар нудиме можност на корисниците и на граѓаните полесно да поминат низ периодот на трансформација. Освен што сме инфраструктурна компанија, ние нудиме услуги и настојуваме со помош на новите инвестиции и нашата внатрешна трансформација да бидеме партнер со сите наши корисници. Во изминатите десет години нашиот бизнис во Македонија расте. И во првииот квартал имаме двоцифрен раст. Се уште на нашите сопственици и инвеститори им даваме аргументи дека сме подружница подобна за инвестиции“, изјави Галер во оваа прилика.
Вип, компанија која до крајот на 2019 ќе го носи брендот А1 на Телеком Австрија Групацијата, во следниот период ќе се фокусира на нови инфраструктурни инвестиции и се наметнува како сериозен партнер на корисниците.
„Македонскиот пазар е пазар на кој има можност за нови инвестиции и ние сме фокусирани на тоа. Во земјата има тренд на зголемување на телеком операторите, иако според мене, ако зборуваме за оператор кој би инвестирал во сопствена ифраструктура и во комплетно нова мобилна мрежа, нема доволно простор. Тоа се многу големи инвестиции и ние како постоечки оператори секоја година инвестираме во нова инфраструктура“, вели Галер.
Компанијата сега ја надоградува сопствената мрежа и прави подготовки за новата генерација, односно за 5Г мрежата. Станува збор за сериозни инвестиции кои целосно се трошок на телеком компаниите.
Неделава во Арсенал Технолошкиот Центар на А1 Телеком групацијата се одржа презентација на најновите технолошки решенија кои оваа групација ги развива со помош на 5G. Освен што во живо можевме да видиме презентација на конкретни апликации и решенија кои се поддржани со новата технологија, можевме да слушнеме и што конкретно планира А1 Телеком групацијата.
Она што е извесно е дека новата технологија која овозможува многу поголем проток на информации, незначително доцнење на информациите и примена на 5G за таргетирани групи на корисници на кои им треба непречен проток на информации, ќе биде во комерцијална употреба за бизнис корисници од 2021 година.
Во оваа насока А1 Телеком групацијата веќе има имплементирано успешен проект на Виенскиот интернационален аеродром.
Според Саша Забрански, глобален менаџер за бизнис развој во А1, на аеродоромот се јавувал следниот проблем: персоналот задолжен за полнење и празнење на авионите помеѓу летовите останувал често без интернет конекција, особено кога на аеродоромот имaло многу патници. Тоа имало директно негативно влијание врз нормалното функционирање на аеродоромoт поради што била побарана помош од компанијата. А1 Телеком групацијата во овој случај имплементирала т.н. 5G network slicing што подразбира поставување на посебна антена за 5G преку која се креирала интернет мрежа само за оаа група на корисници со цел нивната работа да се одвива непречено, а протокот на информации да биде во реално време. Ефектите се одлични!
Според Забрански, токму можноста за креирање 5G network slicing е една од големите предности на новата технологија, која ќе биде особено корисна за големите бизнис и индустриски капацитети каде на различни нивоа се потребни различни интернет мрежи кои не зависат една од друга.
Клучните предности на 5G се секако новите функционалности кои таа ги носи. Прво, тоа е количината на информации кои може да се пренесат во секунда. 5G овозможува при download да се постигнат 1.000 Mbps, додека при поставување на материјали (upload) количина од 50 Mbps. Малото, веќе незабележително доцнење на сигналот и преносот на информации од само 3 милисекунди е уште една предност на новата технологија која ќе најде особено голема примена во индустријата, особено во фабриките во кои работат роботи како и во сообраќајот во кој во блиска индина ќе учествуваат автономни возила.
“Уште една предност која доаѓа до 5G e можноста со помош на една антена да се поврзуваат многу поголем број на уреди. Притоа под уреди не подразбираме паметни телефони, туку сензори. Поточно, 5G ќе овозможи конектирање на 1 милион уреди на еден квадратен километар. Ако се земе предвид дека сензорите поставени низ големите градови се веќе реалност која треба да овозможи полесно сообраќајно функционирање на градот, во тој случај 5G ќе донесе сосема нов квалитет во менаџирањето на процесите во таканаречените “паметни“ градови“, објасни Забрански.
Како што појасни тој инвестициите на А1 Телеком групацијата во 5G се уште се во тек со цел предностите од новата технологија побргу да стигнат до нејзините корисници.