Скопскиот градоначалник Петре Шилегов на денешната прес-конференција соопшти дека со тоа се обновува застарениот возен парк на градската администрација.
– Последната набавка на возила била изведена во 2012 година кога биле набавени „форд фиеста” дизел, што не се еколошки возила. Емисијата на ЦО2 кај хибридите што ги набави Градот се околу 4,8 g/km, а потрошувачката е 3,7 литри за 100 километри со што ќе се прават и посериозни заштеди, особено во делот на одржувањето на возниот парк на Градот, рече Шилегов, додавајќи дека возилата што се набавени се со шестгодишна гаранција.
Шилегов најави дека додека ја предводи градската администрација, возилата што ќе се купуваат за нивните потреби ќе бидат на хибриден или на електричен погон. Посочи дека нивната намера е кон граѓаните да ја упатат пораката дека мора да ја заштитуваме животната средина и да се намали аерозагадувањето во Скопје…
На новинарско прашање дали ќе продолжат да ги користат старите, нееколошки автомобили, Шилегов рече дека дел од нив нема да користат, а дел ќе дадат на лицитација или на други градски институции.
– Ќе се трудам Градот да има што е можно поеколошко поведение во однос на возниот парк, рече Шилегов.
Најави дека ќе продолжат субвенциите за електрични тротинети и додаде оти и тој од време на време го користи неговиот електричен тротинет. Додаде дека понатаму и за потребите на градската администрација ќе обезбедат електрични тротинети, како за кратките реалции што ги имаат комуналните редари, инспекторите и другиот дел од администрацијата.