Радар за продирање во земја интегриран со хексакоптер за автоматска детекција на мини беше презентиран денеска на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. На презентацијата присуствуваа министерот за одбрана на Република Северна Македонија, Радмила Шеќеринска, деканот на Факултетот, професор д-р Димитар Ташковски, шефот на канцеларијата за врски на НАТО во Република Северна Македонија, полковникот Зоран Јанковиќ, претставници од повеќе државни институции и претставници од повеќе компании.
Во тригодишниот проект NATO SPS “Радар за продирање во земја интегриран со хексакоптер за автоматска детекција на мини”, учествуваат Факултетот за електротехника и информациски технологии , Факултетот за електротехника, рачунарство и информатика од Универзитетот во Марибор, Словенија како НАТО држава и Факултетот за електротехника од Универзитетот во Тузла.
Професор д-р Венцеслав Кафеџиски од Факултетот за електротехника и информациски технологии активно учествуваше во реализација на проектот.
„Со овој NATO SPS проект Факултетот се приклучува кон истражувањата на најнапредните технологии во светски рамки, како што е дизајнот на радари за детекција на подземни објекти, односно, на подземни мини. Практичното искуство добиено при соочување со најразлични проблеми на имплементација на радарот е непроценливо. Покрај тоа, користени се најнапредни постапки на обработка на сигналите и на вештачката интелигенција за детекција, локализација и класификација на подземните објекти. Радарот е поставен на дрон и во проектот имавме можност да работиме и со оваа возбудлива технологија. Стекнатата експертиза и набавената опрема ќе послужат како одлична база за понатамошни напредни научни истражувања и учество во идни проекти, како и вклучување на студентите во практична работа“, вели Кафеџиски.
Тој додава дека радарот за продирање во земја наоѓа широка примена не само за детекција на мини, туку и во многу други области, како на пример, локализација на подземна инфраструктура, проценка на структурна стабилност и на состојбата на патишта, археолошки испитувања, примена во екологијата, геолошки испитувања, наоѓање жртви при елементарни непогоди (земјотреси и лавини), скриен доказен материјал (оружје, пари, дрога), идентификација на подземни тунели, бункери и гробови, детекција на движење позади пречки (ѕидови) итн.
Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, на денешната презентација потенцираше дека е чест да се присуствува на вакви презентации и да се види дека НАТО и нашето членство значат и поддршка на науката и на новите иновативни решенија.
„Планот на Владата е буџетите за одбрана да содржат средства за модернизација на армијата и за поддршка на научно-истражувачки проекти. На овој начин, ќе развиваме и подобра армија, ќе обезбедиме посилна одбрана и ќе ги задржиме младите академски кадри. Ова што го видовме е нова генерација во одбраната и науката, со што покажуваме дека имаме што да понудиме во смисла на нови иновативни решенија“, рече Шеќеринска.
Во рамки на проектот е имплементиран софтверски дефиниран радар со променлива фреквенција во скокови на платформа од софтверски дефинирано радио USRP X310 од производителот National Instruments, на која е можно софтверски да се имплементираат многу компоненти на предавател/приемник кои традиционално се имплементираат хардверски.
Податоците добиени од мерењата се обработувани со софистицирани методи на обработка на сигналите добиени од радарот со цел да се добие слика од објектите под земја, конкретно од мини закопани под земјата и нивна автоматска детекција и локализација.
При изработка на проектот беа извршени повеќе тестирања на системот во дворот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, при што беа детектирани вежбовни мини закопани под земјата. Од средствата на проектот набавена е професионална мерна инструментација од врвните светски производители Rohde & Schwarz и Keysight, софтверски дефинирани радио уреди, напреден дрон – хексакоптер и компјутерска опрема.