Веле Самак: Силата на „Микросам“ е во инженерите кои постојано учат и се надоградуваат!

- Advertisement -

„Микросам“ е македонска компанија со долга традиција. Произведува машини со висока технологија за авионската и вселенската индустрија, а главен фокус на иновациите на прилепскиот гигант се композитните материјали. Вработува околу 160 лица, од кои над 60 се инженери од различни профили.

Веле Самак, генерален менаџер на Микросам, беше еден од говорниците на промоцијата на InnoTech Club, платформа за промоција на наука, технологии и иновации меѓу младите во земјава, на која ја сподели успешната приказна на својата компанија, a Иновативност ја пренесува.

- Advertisement -

Лансирањето на Inno Tech Club се одржа во декември минатата година во присуство на бројни средношколци, студенти, професори, сопственици и менаџери на бројни компании од земјата и претставници од Амбасада на САД во Скопје. Проектот продолжува со Inno Cafe настани, преку кои ќе продолжиме да ги инспирираме младите да изберат професија поврзана со наука, технологија и иновации!

Г-дин Самак, кажете ни што е фокусот на „Микросам“ во последните години?

- Advertisement -

„Микросам“ наскоро ќе слави 30 години постоење и уште една декада плус знаење за композитните материјали. Денеска компанијата има околку 160 вработени, од кои околу 60 се инженери. Главниот фокус ни е производството на технологија која е специфична за повеќе индустрии. Сите машини се нови, а од некои проекти произлегуваат и патенти и иновации. „Микросам“ вработува машински и електро инженери, софтверски инженери, хемичари…. Компанијата е голем кампус и постојано се прошируваме.

Во изминатите 30 години „Микросам“ извезе над 260 машини и производни линии секаде низ светот каде што композитната индустрија е високо развиена или е во драстичен подем. Ние сме дел од само неколку фирми во светот со оваа експертиза, а конкуренцијата ни е многу мала. Во еден од сегментите каде што работиме имаме само еден конкурент, компанија од Германија, која одамна ја оставивме зад нас. Во друг сегмент имаме конкуренција од три американски и по една француска и шпанска фирма, што значи дека голем е ризикот и на светскиот пазар да се игнорира „Микросам“.

Во изминатите 30 години „Микросам“ извезе над 260 машини и производни линии секаде низ светот каде што композитната индустрија е високо развиена или е во драстичен подем

- Advertisement -

Што конкретно работи Микросам и во кои индустрии?

Постојано иновираме, создаваме, се надградуваме, бидејќи ако не го правиме за кратко време ќе бидеме заборавени. Во неколку технологии сме светски лидер, а во други сме многу силен конкурент. Главниот фокус ни се композитните материјали, кои се смеса на влакна и смола која се сврзува во ткаенина и се лепи, слој по слој под одредени агли. На тој начин се добива материјал кој е многу полесен од челик или алуминиум, лесен за обработка и има специфични материјални, топлотни и механички карактеристики. Современите композити се користат во авионската, вселенската, одбранбената, автомобилската, транспортната индустрија, а најголемите светски компании како „Ербас“, „Фокер“ и други се нашите клиенти.

Она што е важно да се потенцира е фактот дека се што е направено во Микросам е дело на наши домашни експерти, кои се школувале во нашите средни училишта и универзитети, и кои биле доволно амбициозни да се вклопат во тимот и да се развиваат и да напредуваат и понатаму. Вработуваме инженери од различни профили и блегодарение на тоа ние создаваме и софтвер, што е наша голема предност, додека другите компании, наши конкуренти купуваат софтвер. Нашата предност, ќе повторам е во инженерите кои се подготвени постојано да учат и да се надоградуваат. Кај нас нема ниту авионска ниту вселенска ниту индустрија за ракети, за композитни материјали или за автоматика, нема ниту вакви струки на факултетите, но тоа се учи преку работата во „Микросам“. Затоа сме успешни.

Се што е направено во Микросам е дело на наши домашни експерти, кои се школувале во нашите средни училишта и универзитети

Вашите клиенти се речиси на сите континенти во светот! Што работите во моментов?

Најголемите производни линии за плински боци  во моментов се во Индија и во Кина и тие комплетно се изградени во „Микросам“. Се работи за плински боци од пластика и од стаклени влакна истечени во смола, многу се полесни од оние кои се користат кај нас, а ја имаат истата функција. Тоа е бенефит од композитните материјали. Во моментот ја испорачуваме и најголемата линија во светот на резервоари за хидроген и за гас, а заради тоа знаење сме во тесен избор на компанија која ќе работи на трипати поголема линија за извоз на гас од САД.

Алтернативата на автомобилите на батерии се автомобили на хидроген заради што има огромен тред за инвестирање во капацитети за производство на хидроген и транспортни возила на хидроген, а сите тие се прават од композитни материјали. Урбаните летала, еден вид такси за четири до пет патници во следните три години ќе бидат застапени во речиси сите големи метрополи. Тоа е нашиот фокус во поглед на современите композити и тоа се пазарите кон кои сме ориентирани.

Нашата компанија ќе ја снабдува британската компанија GKN Fokker од Редич, Велика Британија, со напредна опрема за развој на делови за авиони направени од термопластични композити. Дел од опремата ќе биде и најновата машина за автоматско полагање на влакна или AFP, опрема за слотирање на препрег и машина за термопластична консолидација. Опремата ќе ги зголеми капацитетите на GKN Fokker за напредно производство и истражување и развој на сложени 3Д делови за индустријата за авиони. Освен AFP системот, GKN Fokker ќе добие опрема за сечење широки и тенки ленти од преимпрегнирани композитни влакна и нивно намотување за подготовка на калеми. „Микросам“ ќе достави и преса за производство на напредни производи од композитни материјали.

„Микросам“ во изминатите децении докажа дека постојано е во тек со најновите достигнувања во технологијата. Кои се целите кон кои се стремите?

Знаењето да се дизајнира композитен продукт е во моментот врв во светот, а тоа е тука, кај нас, во Микросам. Многу е важно да се знае и кои материјали треба да се произведат и кои се барани на пазарот во било кој момент. Другиот дел се технологијата и машинството кои треба да се произведат и да се имаат.

Термопластичните композити се голем тренд и има голема потреба да се усоврши оваа технологија. Микросам работи повеќе од две години и има развиено водечка технологија во овој дел. Имаме своја лабораторија и постојано работиме и тестираме, што ни донесе и договор со „Фокер“ кои имаат голема традиција со термопласти.

Една од потребите која се појави е и да се прават делови во вселената. Идејата потекна од НАСА и „Џенерал атомикс“ за изработка на делови во вселена каде е речиси невозможно да се донесе алат. Инженерите од „Микросам“  започнаа со работа од нула и дојдоа до нова технологија која беше претставена на најголемиот светски саем за композити, JEC World 2019, кој се одржува секоја година во Париз. Се работи за производната ќелија за тродимензионално печатење во простор на современи композитни материјали со повеќе роботи. Ова е првпат во светот некоја фирма да постигне вакво техничко решение, идејата за производство на композити без алат да се претвори во реалност.

Сподели!
- Advertisement -