Да ги откриеме и доживееме убавините на Македонија е вистинската можност која ни ја нуди ова лето. Иако многумина се разочарани од ограничувањето да се патува во странство и изменетите планови заради пандемијата на коронавирусот, сепак, извонредна е можноста да се истражат убавините на нашата земја. Демир Капија, затскриена зад стрмните карпи, обвиена со питомата долина на Вардар и лозовите насади од кои се прават некои од најдобрите вина во земјата, е само еден од нашите неоткриени бисери.
Во прекрасната природа, со поглед во бескрајното синило на небото и врвовите на клисурата кон кои водат алпинистички патеки, е сместен Rock Land Camp, место каде во последните години се собираат љубители на природата и спортското качување од целиот свет. Кампот е дел од кампањата „Дома си е дома“, на Агенцијата за поддршка на туризмот, поддржана од IME, како една од десетте нови и интересни локации во земјава за активен и еко-туризам, зачинет со традиционална храна, вино и културни содржини.
Rock Land Camp е основан од Александар и Валерија Кленови, Руси, кои Македонија ја одбрале за втора татковина, каде ќе развиваат алтернативен туризам и ќе ги израснат своте деца, Лев и Амалија. Пред осум години Александар, еден од најпознатите светски алпинисти, одушевен од убавината, но и неискористените можности, одлучил за Демир Капија да дознае целиот свет.
Оттогаш работи на обележување на алпинистички насоки за качување по карпите во Демиркаписката клисура и организира фестивали за качување на карпи. Вели дека кога дошол во земјава во Демир Капија имало само четириесетина, а сега има над 400 насоки. Голем број од новите насоки Александар ги прави со помош на наши и странски ентузијасти, а во последните години и со поддршка од Агенцијата за поддршка на туризмот и Спортската качувачка федерација. Општината Демир Капија им помага во организација на фестивали и уредување на нови планинарски патеки, а во понудата на кампот сега има и опрема за качување на карпи и инструктори за деца и за возрасни-почетници, но и за искусни качувачи.
„Карпите нудат неограничен потенцијал, има место за уште многу насоки за качување, бидејќи клисурата е долга . Сега имаме патеки и за почетници и за професионалци, некои се полесни, некои потешки, некои долги, некои кратки, повеќе или помалку пристапни. Тука се и единствените via ferrate патеки во земјата. Eдноставно има карпа за сечиј вкус, можности или потреба“, вели Александар.
Тој и Валерија велат дека во ова питомо гратче нашле инспирација и потенцијал за светска туристичка дестинација. Туристите тука можат да поминат еден ден или една недела, а денот да им биде максимално исполнет. Природата била премногу дарежлива, ги наградила со уникатни убавини и можности кои не треба да се пропуштат, да се видат, доживеат и раскажат. Годинава очекуваат особено домашни авантуристи и велат дека се радуваат што ќе имаат можност, доколку веќе не ги знаат, да им ги откријат сите убавини на овој предел.
Во Демиркаписко, велат тие, има 13 пештери, а Александар, како качувачки инструктор и стажист планинарски водич, ги води гостите до влезот во Бела Вода и им организира и тури за пешачење во околните планини. Пешачењето понекогаш бара качувачко искуство и помош од локален водич или качувачки инструктор, но има и многу лесни и убави патеки кои не барат планинарско искуство. Природата покрај Вардар и околните села кријат и неверојатни археолошки и природни богатства.
„Организираме посета до остатоците на средновековниот град Просек, кој датира од 13 век од каде се отвара прекрасен поглед на целата Вардарска долина. Ова уникатно место е на врвот на карпите, а до него може да се дојде на два начини, со искачување на карпите за оние кои се подготвени за тоа или со пешачење по патека долга 13 километри. Има прекрасни патеки покрај реката Бошава и низ шумите по кои пешачиме до рибникот со езера Акватика и понатаму до црквата „Света Петка“ или манастирот „Свети Талалеj“ во селото Клисура, каде што се наоѓа и единствената долина на кактусите во Македонија. На гостите можеме да им организираме и возење велосипеди или посматрање на птици, а соработуваме со Спортскиот Клуб Клисура и со кајакарскиот клуб кој има и школа за кајак на диви води и со локалните винарии каде може да се пробаат најубавите македонски вина“, објаснува Валерија.
Во наредните месеци ќе се дизајнира лого за туризам за Демир Капија, ќе се постават инфо табли и ќе се дистрибуираат туристички карти за локалните атракции, а целта е да се привлечат повеќе локални и странски туристи на оваа дестинација која нуди толку многу активности.
Rock Land Camp е отворен за сите ентузијасти и љубители активен одмор кои сакаат да престојуваат на отворено, во природа, во шатори или приколка, а во хостелот има и шест кревети, кујна, тоалети и туш-кабини со топла вода, Wi-Fi и паркинг за автомобилите и приколките.