Македонската друштвена игра Cavern Tavern успешно финансирана на Kickstarter

- Advertisement -

 „Rice to Nobility“ на „Final Frontier Games“ креирани од македонска компанија , за помалку од еден месец на „Kickstarter“ собра над 370.000 долари.  Предностите на „Kickstarter“ се побројни од недостатоците и можеби ова е најпаметната одлука која ја имаме донесено како тим, вели за „Иновативност“, Ивана Крстевска, дизајнер и ко-сопственик на „Final Frontier Games“

Зад „Final Frontier Games“ стојат четворица млади македонски дизајнери, покрај Ивана, тоа се и Војкан Крстевски, Тони Тошевски и Маја Матовска. Во изработката на проектите, голема помош имаат од познатиот македонски артист Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, кој е заслужен за целиот арт во двете игри, а особено во „Rice to Nobility“ и кој сигурно ќе биде присутен и во нивните наредни проекти.

За себе велат дека решиле да создаваат друштвени игри со цел да го спојат секое семејство на едно место, преку забава и пријатно поминато слободно време. Задоволството од создавањето на board games, овој млад тим во последните три години го претвори во успешен бизнис.

- Advertisement -
  • Final Frontier Games, постигнувате извонреден успех на Kickstarter со вашите игри „Cavern Tavern и „Rice to Nobility.  Раскажете ни нешто за вашите почетоци.

Како студио за дизајн и продукција на друштвени игри постоиме од 2014 година, кога ја издадовме и првата игра „Пијопол“, наменета за македонски пазар. Всушност, оваа игра ни беше реален тест пред да почнеме посериозно да се занимаваме со оваа дејност.  Уште во почетокот на 2015 тестот беше положен, нашето првенче излезе на пазарот, играта стана позната и популарна и успеа да се продаде во доста голем тираж. Во меѓувреме, ја разработувавме идејата за игра наменета за меѓународен пазар и нејзино пласирање. По долгорочно истражување дојдовме до заклучокот дека најсигурен начин ни е употреба на платформа за групно финансирање и „Kickstarter“ како најпогодна за нашата област. Процесот на креирање на првиот проект „Cavern Tavern“ траеше повеќе од 10 месеци, од креирање на приказната, преку начинот на играње, до конечен производ.

  • Колку проекти имате реализирано досега и какви?

„Cavern Tavern“ и „Rice to Nobility“ се двата најголеми проекти кои досега ги имаме реализирано, иако процесот на издавање на „Rice to Nobility“ е се` уште во тек. Допрва следува производството и дистрибуцијата на играта. Во рамките на проектот „Rice to Nobility“, издадовме и две книги чии приказни ги следат двете игри.

- Advertisement -
  • Го избравте„ Kickstarter“ за интернационална промоција на „Cavern Tavern и „Rice to Nobility“. Како ја донесовте таа одлука, што беше за, а што против?

„Kickstarter“ како платформа не е само промоција, туку и предвремено резервирање, односно купување на производот. „Kickstarter“, како и другите платформи за групно финансирање, се наменети за олеснување на финансирањето и намалување на бизнис ризиците кај малите компании, како и полесно пласирање на пазарот. При користењето на овие платформи предностите се побројни од недостатоците и можеби ова е и најпаметната одлука која ја имаме донесено како тим и зад која стоиме сите стопроцентно.

- Advertisement -
  • Rice to Nobility“, која е продолжение на „Cavern Tavern“ беше лансирана на Kickstarter“ на 5 Април и за помалку од еден месец собравте над 370.000 долари. Очекувавте ли ваков успех?

По завршувањето на кампањата за „Rice to Nobility“, ги имавме истите чувства и емоции како и за „Cavern Tavern“ – изненадување и неверување. Да бидам искрена, очекувавме да постигнеме нешто поголем успех од „Cavern Tavern“, но не и толкав. Сиот труд кој со месеци, деноноќно го вложувавме се исплатеше до последен долар.

  • Создавате –board games– друштвени игри, тоа е вашиот начин да го поврзете семејството во ерата на технологијата.  Продолжувате ли во таа насока?

Да, дефинитивно. Креирањето друштвените игри (board games) е нешто во што сите се пронајдовме. Долги години наназад ги играме, имаме многу богата колекција на странски игри, кои воедно ни служат и како инспирација. Многу ја засакавме и самата board game заедница. Луѓето таму се поинакви, сакаат да го споделат своето мислење за игрите, како за нашите, така и за сите други останати, сакаат да ти помогнат да успееш, сакаат заедно со тебе да го усовршат крајниот производ, без притоа да бараат нешто за возврат. Нема поделба на аматери и експерти и секој од нас секојдневно учи по нешто ново.

  • Како и каде можат да се набават вашите игри?

Покрај многуте продавници ширум светот, „Cavern Tavern“ може да се купи преку следниот линк  https://www.indiegogo.com/projects/cavern-tavern-game-fantasy/x/14093093#/. „Rise To Nobility“, за купување од продавниците, но и на интернет, ќе биде достапна од декември 2017/јануари 2018.  Почнувајќи од овој период, двете игри ќе бидат достапни и во единствената специјализирана продавница за друштвени игри во Македонија – „Гоблин друштвени игри“.

  • Кои се вашите идни планови?

Ако сe се одвива во најдобар ред, планираме до крајот на оваа година да издадеме уште една игра на „Kickstarter“, која ќе биде поразлична од досегашните две. Имаме и многу други идеи за игри за следната година, како и дигитални адаптации на досегашните и игри за Android и iPhone.

Сподели!
- Advertisement -