Најголемиот соларен телескоп во Европа, GREGOR, направи неверојатни детални фотографии од Сонцето. Фотографиите ќе им послужат на научниците од поблиску да ја проучуваат површината на нашата најголема ѕвезда, но и да ги забележат промените во неговото магнетно поле, турбуленциите, соларните пламени и соларните пеги.
Благодарение на неодамна направената надградба, телескопот сега може да сними толку прецизни детали како да снимате јасна фотографија од игла на фудбалско игралиште на оддалеченост од 1 км.
„Тоа е многу возбудливо, но и голем предизвик. За само една година целосно ја реализиравме оптиката, механиката и електрониката за да добиеме најдобар квалитет на фотографии“ појаснува Луција Клајнт, водител на проектот.
Главниот проблем кој научниците морале да го исправат со редизајнот бил , условно речено, астигматизмот на телескопот, поради што фотографиите кои ги правел претходно биле матни. Астигматизмот, проблем кој мачи 30%-60% од светската популација, ги мачи и телескопите затоа што светлината не паѓа точно на средината на леќата. Сега тоа е поправено со два елементи со две параболични огледала кои се наоѓаат надвор од оската, а треба да бидат исполирани на отприлика 1/10000 размер на човечко влакно.
Резултатите од тоа се неверојатно прецизни фотографии од Сонцето и неговите пеги, кои истовремено се застрашувачки и преубави. На прв поглед потсетуваат на медузи или на Сарумановото око од популарната трилогија „Господар на прстените“.
(Dnevnik.hr)
(фото: YouTube screenshot)