Министерството за животна средина информира дека вчера на владина седница била усвоена Предлог-измената на Законот за прекршоци со која се предвидуваат до 20 пати поголеми казни за загадување на животната средина.
„Со предлог-законското решение за измените во Законот за прекршоци се регулира зголемување на глобите (до 20 пати поголема од сега регулираната казна), од областа на животната средина соодветно на причинетата штета предвидени со материјалните закони. Измените ги регулираат прекршоците кои се однесуваат на непочитување на пропишаните стандарди од областа на животната средина, а кои се однесуваат на загадувањето на човечката средина предизвикана од човечките активности“, се вели во соопштението од МЖСПП.
Задолжителното уогласување на прописите од областа на животната средина со постојниот Закон за прекршоци, појаснуваат од Министерството, ќе доведеше до намалување на постојните прекршочни санкции.
Затоа, потенцираат оттаму, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за правда пристапија кон изменување на Законот за прекршоците со цел обезбедување на потребното заострување на казнената политика во областа на животната средина.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини вели дека искрено очекува сите да ги поддржат измените на Законот за прекршоци кои овозможуваат зголемување на глобите за прекршоците во животната средина, сторени како од правни лица, така и од поединци.
„Со ова целиме кон обезбедување поголема заштита на животната средина. Се надевам дека ќе бидат усвоени повисоките казни и обврската за надоместување на сторените штети, со што ќе се намали и загадувањето и несовесниот однос кон животната средина“ вели Нуредини.
(Denar.mk)
(фото: Ce.gatech.edu)