Претставени резултатите
од мониторингот за транспарентност и отчетност на јавните комунални
претпријатија
во Скопскиот регион
Скопје, 11.12.2020
Денес, беа претставени наодите и препораките од мониторингот за транспарентност и отчетност на јавните комунални претпријатија во Скопскиот регион за 2019 година, спроведени во Проектот „Транспарентност и отчетност на јавните комунални претпријатија во Скопскиот регион“, на Здружението на економски новинари, а во рамките на проектот „„ Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот бизнис – сектор”, што го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации, Конект и ЗДСРМ со финансиска поддршка од Европската Унија.
На онлајн настанот, во присуство на претставници на јавните комунални претпријатија од Скопскиот регион, локалните самоуправи,граѓански организации, медиуми, се обрати Марија Георгиевска, претседател на Здружението на економски новинари, осврнувајќи се на важноста на истражувањето за зајакнување на улогата на граѓанското општество во мониторинг на транспарентноста и отчетноста на јавните комунални претпријатија. Со тоа, се влијае на јавната свест во локалната средина, за потребата од граѓански мониторинг над јавните комунални претпријатија, во насока на намалување на корупцијата на локално ниво и зголемување на транспарентноста на овие претпријатија.
Предмет на анализата се 12 јавни комунални претпријатија во Скопскиот регион: ЈП Дрисла, ЈП Градски паркинг, ЈП Паркинзи на Општина Центар, ЈКП Сопиште, ЈКП Студеничани, ЈКП Зелениково, ЈКП Петровец, ЈКП Водовод Илинден, ЈКП Илинден, ЈКП Гази Баба 2007, ЈКП Скопска Црна Гора и ЈКП Сарај.
Во рамките на настанот, за значењето на проектот „Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот бизнис – сектор””, од кој произлегоа низа придобивки, зборуваа г-ѓа Сабина Факиќ проектен координатор од Центарот за граѓански комуникациии и г-ѓа Никица Кусиникова извршна директорка на организацијата Конект.
На настанот, г-ѓа Бети Деловска, претставник на Здружението на економски новинари, ги презентираше резултатите од истражувањето, а посочи и препораките за надминување на предизвиците, кои се исправени на патот кон целосна транспарентност и отчетност на јавните комунални претпријатија, кои произлегоа од истражувањето.
Просечното ниво на транспарентност и отчетност, односно исполнувањето на законските обврски и стандардите на анализираните јавни претпријатија во Скопскиот плански регион, изнесува само 22% од можни 100%.Највисоко ниво на објавување на обврските имаат поголемите ЈП кои имаат сопствени веб страни. Само едно ЈП има едвај ограничено ниво на транспарентност, а дури 6 ЈП имаат оскудно ниво на транспарентност. Највисоко ниво на транспарентност имаат ЈП Паркинзи на Oпштина Центар и ЈП Градски паркинг, а по нив следат ЈКП Водовод Илинден и ЈП Дрисла. Три од овие претпријатија се основани од Градот Скопје, а ЈКП Водовод Илинден е основано од Oпштина Илинден. Останатите претпријатија се помали и основани од приградските општини, освен ЈКП Гази Баба 2007, кое е основано од Oпштина Гази Баба. Поврзаноста на јавните претпријатија со општината, покрај големината, укажува и на капацитетите на претпријатијата и на нивните основачи за исполнување на стандардите.
Во групата на претпријатија кои имаат транспарентност над просекот, спаѓа и ЈКП Студеничани, кое нема сопствена веб страна, но транспаретноста ја должи на изјавите дека тие сите информации и документи ги објавуваат на огласна табла.
Останатите јавни претпријатија транспарентноста ја должат најмногу на објавите на информации за граѓаните на ФБ профилите и делумно на објавување информации на веб страните на основачите.
Најниско ниво на транспарентност и отчетност ЈП имаат во однос на нивото на објавени податоци, документи и информации кои се однесуваат на резултатите од работењето. Само 3 од анализираните претпријатија имаат минимално ниво на транспарентност (ЈКП Илинден, ЈКП Водовод Илинден 35% и ЈП Градски паркинг 30%), а останатите 9 имаат оскудно ниво на транспарентност. Од нив, 6 претпријатија немаат никакви објави на информации, документи или податоци за резултатите од работењето.
Од 12 јавни претпријатија кои беа вклучени во анкетата, само две од нив изјавија дека имаат документ или кодекс на однесување или друг внатрешен акт што го опфаќа и односот кон корисниците на услугите, транспарентноста и отчетноста со кој се регулира односот кон потрошувачите.
Од 12 ЈП, само ЈКП Зелениково и ЈКП Сарај се изјасниле дека не ги известуваат корисниците на услугите, а сите останати дека ги информираат.
Според анкетата на граѓани, корисници на услугите на ЈКП, тие имаат делумна информираност за нивната работа, сѐ уште недоволно ги познаваат своите права како корисници на услугите и имаат разнишана доверба во институциите, па поради тоа и не поднесуваат приговори, жалби или предлози.Граѓаните најмногу информации за ЈКП добиваат од веб страната на ЈКП и од медиумите, за што се изјасниле 20,7% од нив, како и од пишани информации (19,5%) во форма на летоци или на сметките кои ги добиваат за испорачаните услуги. Во поглед на тоа за што би сакале да бидат информирани, граѓаните најмногу би сакале да бидат информирани за нивните права како корисници (25,5%), за условите и начинот на давање на услугите (20,4%), на што се трошат парите на ЈКП (16,5%) и цените на услугите и начинот на нивно формирање (15,5%). Тие воопшто не се заинтересирани колку и кои се вработените во ЈКП.Потребно е граѓаните да станат посвесни дека треба да бидат поинформирани за работата на ЈКП и да се охрабрат да бараат информации и да ги бараат своите права преку обуки, информативни сесии, медиумски кампањи и сл.
Според ставовите на Здружението на економски новинари, активностите и истражувањата на полето на транспарентност и отчетност кај јавните претпријатија, имаат големо значење, во насока на градење консензус помеѓу државните и недржавните чинители, околу потребата за унапредување на транспарентноста и отчетноста и зајакнување на јавната свест за граѓански надзор на ова поле, а во насока на идентификување на генераторите на корупција во скопските јавни комунални претпријатија.