Инженерите од Lenovо размислуваат за начините на кои може да им помогнат на луѓето кои често патуваат и да им овозможат целосно ново искуство на користење на компјутерите во текот на патувањето. Една од идеите била да се создаде виртуелен работен простор за кој нема да има никакви ограничувања при користењето, но во текот на последната година се сменија приоритетите. Поради пандемијата луѓето повеќе не патуваат по работа, но затоа многу работат од дома, а дел од нив немаат адекватни услови.
Lenovo се прилагоди на таквата ситуација и својот проект за виртуелно работно место, наместо на луѓето што често патуваат, го прилагоди на луѓето кои работат од дома, а не можат да поврзат два или три монитори. Резултатот се паметни очила ThinkReality A3 кои можат приказот од екранот на компјутерот или мобилниот уред да го проектираат во виртуелен простор. Со користење на технологија за проширена реалност дигиталниот приказ од екранот се прикажува во очилата и на таквите екрани може да се преземат акции како и на компјутери.
На пример, ако во виртуелниот простор е прикажана некаква таблица во Excel, таа може да се уредува на ист начин како што би се уредувала на компјутер, при што треба да се има глушец и тастатура. Исто така, очилата имаат и микрофон и звучници за преку нив да се управува со дигитални асистенти, односно да се комуницира со колегите и со камера.
За сликата од екранот да се проектира во виртуелниот простор очилата треба да се поврзат со компјутер и со мобилен телефон преку USB Type C приклучок. На почетокот очилата ќе работат само со компјутери со Windows и со телефони на Motorolа, но со време може и да се поддржуваат и компјутери и телефони на Apple и мобилни уреди со Android.
Очилата на Lenovo ги очекуваме на пазарот на средината на годината, но цената уште не е позната.
(Zimo)
(фото: Lenovo screenshot)