Министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на „ЕЛЕМ Турс“, Адем Авзиу, денеска во ски-центарот Попова Шапка ќе го означат пуштањето на шестосед-жичницата „Лајтнер“ во оваа сезона.
Од „ЕЛЕМ Турс“, кој стопанисува со зимскиот центар, информираат дека користењето на шестоседот на првиот ден на пуштањето е бесплатно за панорамски разглед за посетителите на Попова Шапка.
– Станува збор за супермодерна жичница, единствена од ваков вид во земјава. Должината на трасата на жичницата е 1510 метри, со максимален капацитет за транспорт од 2400 скијачи на час. Шестоседната жичница е позиционирана на локацијата од Мал Јелак до врвот на ски-лифтот Ајдучка Рамнина (поранешно Ге). По трасата на новата жичница ќе се овозможат нови ски-патеки во должина од над три километри, велат од „ЕЛЕМ Турс“.
Шестоседната жичница ќе работи редовно, како и останатите ски-лифтови и жичници од 9 до 15:30 часот. Цената за едно возење на шестоседната жичница од сабота е 150 денари. За сите билети во Ски-центарот се наплаќа повратна кауција во висина од 200 денари.
– Новата жичница со постојните ски-лифтови и жичници ќе овозможи подобар и побрз проток на скијачи и ќе понуди уште поатрактивни скијачки патеки. Со тоа, Ски-центарот „Попова Шапка“ и оваа сезона е вистинскиот избор за скијање и сноубординг и за сите кои уживаат во зимските спортови, порачуваат од „ЕЛЕМ Турс“.
MИА