Компанијата „Нетам“ создаде иновативен изолационен градежен материјал од отпаден текстил!

- Advertisement -

Компанијата „Нетам“ со иновативна технологија создаде нов вид на градежен изолационен материјал од отпаден текстил. На тој начин компанијата на одговорен и еколошки начин го затвора кругот со отпадот што го создава во своето работење, а од друга страна отвора нов пазар на кој може конкурентно да работи. Иновацијата „Изонет“е конфекциониран текстилен материјал со одлични изолациони својства, покрај еколошките и економските предности.  

Разговараме со Сашо Ацески, директор за секторот за инвестиции и развој во „Нетам“. Текстот е објавен на платформата skills4future, проект кој ги адресира суштинските проблеми со невработеноста и „јазот кај вештините“ во три клучни сектори во земјава: текстилниот, градежниот сектор и обновливи извори на енергија.

- Advertisement -

Автор – Сања Наумовска

Г-дин Ацески, како дојдовте до идејата текстилниот отпад да се реупотреби како суровина за производство на градежен материјал?

- Advertisement -

„Нетам“ е компанија која се занимава со производство и пласман на текстилни производи, неткаен текстил, постелнина, перници, јоргани и душеци и навлаки за душеци, со кои ги снабдува како домашниот пазар, така и европскиот пазар и е единствен производител на геотекстил на македонскиот пазар. Идејата за реупотреба и искористување на текстилниот отпад потекнува од самиот производствен процес и законската обврска која ја има компанијата, правилно да го отстрани тој отпад. Таа обврска создава трошоци, а големи се и еколошките предизвици бидејќи овој отпад врши хемиско загадување на околината, најчесто е неразградлив и токсичен е кога согорува. Целта беше што повеќе да се намалат овие последици. Заради тоа започнавме со истражувања, кои траеја две години и благодарение на кои „Нетам“ создаде свој иновативен производ, градежен материјал за топлотна изолација, направен од текстилен отпад. Инвестицијата во проектот чинеше 7,3 милиони денари, од кои Фондот за иновации и технолошки развој финансираше 70% или 5,1 милиони, а „Нетам“ 30 % или 2,2 милиони денари. Најголемиот дел од средствата, околку 50 проценти, беа инвестирани во машина за конфекционирање на материјалот.

Какви материјали поточно се произведуваат од отпадниот текстил?

- Advertisement -

Тоа се нови и корисни производи за градежната индустрија како: изолациони панели, ролни, геотекстил и други изолациони материјали кои можат да се користат и во други индустрии. За нивно производство „Нетам“ инвестираше во нова производна линија и оформено е ново одделение за собирање, рециклирање и преработка на тексилниот отпад. Покрај внатрешните ресурси, ја користевме и експертизата на Градежниот факултет при УКИМ, соработувавме со стручниот кадар и лабораториите каде се испитуваа материјалите и каде што се сертифицирани неговите изолациони квалитети. Ангажиравме и експерти и консултанти за стручно реализирање на проектот, професори, инжинери и друг високо квалификуван кадар. Целиот производствен процес е иновативен. Воведена е нова методологија за рециклирање и преработка, што доведе до иновација и на технолошкиот процес и на производствена линија, димензионирана според количеството на текстилен отпад што се создава во земјава.

Колкави количини отпад од текстил на овој начин се спречуваат да заминат на депонија?

Капацитетот на линијата е околу 500 килограми на ден, а месечно, во сегашните услови на корона криза се обработуваат околу два тона.

Во Македонија годишно се продуцира околу 16.599 тони текстилен отпад, од кој една третина е погоден за прерaботка со иновативната технологија, или во просек околу 40 тони годишно. Засега кај нас не се акумулира друг текстилен отпад за да размислуваме и за негова обработка.

Кои се текстилни материјали можат да се рециклираат и обработат преку вашата иновативна технологија?

Не ги земаме во предвид продуктите од конфекциската индустрија од причина што тоа е разнороден хемиски и механички материјал, а производителите немаат волја за негово сортирање. Отпадот што се собира од текстилните фабрики, кои сакаат да го предадат за рециклирање, се складира во „Нетам“ и се сепарира според техно- хемиските својства. Во моментов постојано соработуваме со три и повремено со триесетина компании. Суровината се обработува до структура – влакно кое со понатамошна термичко- хемиска обработка се преработува во ролна. Во оваа фаза и со достапната опрема може да се преработи само дел од текстилниот отпад чија хемиска структура одговара на процесот на производство, што во основа е секој текстилен отпад кој се базира на политеилен.

Сподели!
- Advertisement -