Никица Мојсоска: Македонија 2025 наскоро стартува платформа за менторска поддршка на домашните компании со менаџери од дијаспората

- Advertisement -

Интервју со Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025 по повод стартувањето на платформа за менторска поддршка на компании од земјава со менаџери од дијаспората.

Разговаше – Верица Јорданова

Госпоѓа Мојсоска Блажевски, може ли да ни кажете повеќе детали за менторската платформа која ќе стартува наскоро. Како е замислена и кој ќе може да ги користи услугите?

- Advertisement -

Една од главните цели на Македонија2025 е искористување на потенцијалот и врските со дијаспората за развој на економијата и раст на бизнисите. Како организација, спроведуваме многу активности и програми кои го овозможуваат токму тоа. На пример, Самитот кој го организираме секоја година, меѓу другото, има за цел и вмрежување и поврзување на македонските бизниси со успешни професионалци од Македонија кои живеат во странство. Досега имаме поврзано многу бизниси и помогнато на многу македонски компании да станат интернационални. Но, за да можеме да го зголемиме ефектот и поддршката за компаниите, неопходно е да ги искористиме предностите на дигиталните алатки. Оттука дојде идејата за развивање на онлајн платформа за поврзување на македонските бизниси со експерти од дијаспората, наречена Connect2MK.

Веб платформата обезбедува поврзување и комуникација помеѓу: 1) побарувачи на поддршка и услуги – компании со доминантна македонска сопственост, од која било големина (микро, мали, средни и големи претпријатија), и 2) понудувачите на поддршка и услуги – успешните бизнис професионалци со македонско потекло ширум светот.

- Advertisement -

Connect2MK ќе обезбеди големо ниво на автоматизација на комуникацијата помеѓу двете страни (побарувачи/ понудувачи), со одредено присуство и административна поддршка од страна на канцеларијата на Македонија2025. Двете страни на платформата ќе имаат можност да изберат помеѓу неколку типови на поддршка и услуги: менторирање, запознавање со странски партнери, барање на странски инвеститори, продажба на производи/услуги итн. Притоа, ќе се води сметка и за географската застапеност на дијаспората, како и на плановите на компаниите за ширење на продажбата или наоѓањето на партнери.

Наскоро почнуваме со тестирање на платформата, а Conncet2MK ќе биде целосно пуштена во употреба во септември 2020. Се надеваме на многу успешни поврзувања и натамошно зголемување на влијанието на Македонија2025 врз македонската економија!

- Advertisement -

Дали иницијативата е инспирирана од актуелната криза или е идеја која секако планиравте да ја реализирате?

Ова е сепак идеја за која размислуваме подолго, и не е поврзана со сегашната здравствена и економска криза. Како организација постојано тежнееме кон зголемување на нашата поддршка кон економијата. Иницијално, нашите главни активности и напори беа насочени кон образование и лидерство (на млади професионалци и менаџери на средно и високо ниво) бидејќи сметаме дека на тој начин ја исполнуваме нашата мисија на градење на посилна нација. Последните години тие активности ги надополнуваме со силни програми за поддршка на бизнисите, преку нудење на експертиза од истакнати професионалци од Канада и САД, од наши успешни иселеници, обуки за млади претприемачи итн. Во овој контекст, платформата е алатка која ќе ни помогне да ја засилиме поддршката за бизнисите, да вклучиме повеќе бизниси и иселеници, на ефикасен начин.

Македонската дијаспора е дисперзирана на сите континенти и низ целиот свет. Сакаме да ги искористиме можностите кои ги нуди развојот на технологијата и дигиталниот напредок во остварување на нашите цели. Веруваме дека иднината е во дигитализацијата и поврзувањето на бизнисите ширум светот и платформата Connect2MK ќе ни помогне да го автоматизираме процесот на поврзување на локалните бизниси и дијаспората за посилно влијание врз економскиот развој на земјата.

Негативното влијание на актуелната криза врз светската економија е неспорно. Неодамна и вашата организација правеше анкета за влијанието на Ковид кризата врз фирмите. Што покажа истата?

Како организација чиј главен фокус е економскиот и општествениот напредок, сметавме дека е клучно да реагираме брзо и да дадеме поддршка на носителите на политиките да дизајнираат анти-кризни мерки базирани на докази. Оттука, во соработка со Меѓународната организација на трудот (МОТ) и организациите на работодавачи спроведовме анкета за влијанието на Ковид-19 врз компаниите. Анкетата, исто така, го испита мислењето на компаниите за типот на мерки за поддршка кои би биле најцелисходни за надминување на кризата.

Анкетата покажа големи негативни ефекти од Ковид-19 кризата врз македонските компании. Имено, 82% од сите анкетирани компании забележале значително влошување на нивните финансиски параметри, од кои мнозинството (43%) изјавиле дека пандемијата фундаментално ги намалила нивните приходи, и тоа за над 50%, во споредба со периодот пред почетокот на пандемијата. Дополнителни 11% изјавиле дека привремено ја затвориле компанијата. Од сите компании кои беа интервјуирани, најтешко погодени од кризата се микро и големите компании.

Економскиот шок кој беше резултат на „затворање” на економијата не поштеди ниту еден сектор од бизнисот, со тоа што согласно очекувањата најголеми загуби претрпеа секторите за транспорт, сместување и храна, градежништвото, трговијата и секторот за професионални, научни и технички услуги. Бројот на компании кои пријавиле зголемен број на приходи е само 3% од вкупно анкетираните компании. Прометот, профитабилноста, продуктивноста и остварувањето на деловните цели/таргети кај компаниите забележале значаен пад, каде што во просек околу 80% од анкетираните изјавиле дека имаат значаен пад по основ на овие параметри. Во времето на спроведувањето на анкетата, компаниите не прибегнувале кон отпуштање на работниците, туку наоѓале други начини за справување со потешкотиите, најчесто со кратење на работните часови и делумно затворање на своите производствени капацитети и локации.

За надминување на овој кризен период и намалување на последиците создадени од „затворањето” на економијата, анкетираните компании изјавиле дека најголема корист ќе имаат од програмите за субвенции за плати (75% од анкетираните ) по што следуваат одложувањето и/или олеснувањето на даночните плаќања (за 48% од анкетираните претпријатија) и пристапот до заеми (49%) по поволни услови од државните институции. Еден таков пример се кредитните линии Ковид1 и Ковид2 кои се пласираат преку Развојната банка.

82% од сите анкетирани компании забележале значително влошување на нивните финансиски параметри, од кои мнозинството (43%) изјавиле дека пандемијата фундаментално ги намалила нивните приходи

Кои се клучните препораки на Македонија2025 за излез од кризата и за полесно справување со економските последици?

Врз основа на главните наоди од анализата, Македонија2025 даде неколку препораки за излез од кризата и за полесно справување со економските последици, и тоа: понатамошно зголемување на достапните заеми за ликвидност; проширување и поголемо вклучување на шемите за субвенционирање на платите; брзо враќање во „нормала“ во однос на услугите и административните функции кои државните институции треба да ги обезбедат како поддршка за деловното работење, вклучително и потреба за инвестиции во дигитални решенија, за зголемување на ефикасноста на поддршката која ја даваат институциите; дизајнирање на поразновидни и поодлучни владини мерки за поддршка на економијата.

Сепак, анализата покажа и дека некои од главните предизвици за претпријатијата не се поврзани со пандемијата, туку тие се поврзани со „редовната“ средина. Дури и во овој тежок период, компаниите бараат праведен и правичен, функционален систем, со ефективна јавна администрација, „нормално“ функционирање на државните институции, владеење на правото, итн. Кризата, во суштина, ја засили потребата за поволна деловна средина, со мал административен и финансиски товар за претпријатијата, како и рационализација на парафискални давачки. Сето ова е потребно за тие да можат да се справат со новите предизвици (економската и здравствената криза предизвикани од пандемијата), меѓутоа и за да планираат и да остварат раст на долг рок.

Вашата организација е позната по големиот број на програми за едукација кои ги спроведува како и традиционалниот Самит кој секоја есен се одржува во Скопје. Дали и како Ковид кризата влијае врз тековниот календар на активности?

Секако дека никој не остана имун на последиците од Ковид кризата, особено дејностите кои вклучуваат сервисни услуги и меѓународна соработка. За жал, морам да кажам дека голем дел од планираните активности и програми на организацијата за оваа година се одложија. Од друга страна, кризата покажа дека можеме да функционираме онлајн и да ги искористиме можностите кои ги нуди дигитализацијата. Па така, во март решивме да организираме серија на онлајн обуки, вебинари за пренос на знаењето од светски реномирани компании за справување со кризата, користејќи го богатиот потенцијал на нашите членови – истакнати имиња од сферата на бизнисот во дијаспората. Истите беа многу посетени од страна на македонските претприемачи, претставници на македонски компании и истакнати професионалци.

Понатаму, земајќи ја предвид ситуацијата со растечкиот број на позитивни случаи меѓу здравствените работници, организиравме онлајн донаторска кампања наречена „Да ги заштитиме здравствените работници кои се грижат за нас!“. Целта беше да се соберат средства за купување заштитна опрема за здравствените работници. Во склоп на кампањата, Македонија2025 донираше 1.750 N95 маски, 20 интубациски кутии, 1.200 визири и 700 литри средства за дезинфекција, онаму каде тоа беше најпотребно.

Инаку, организирањето на Самитот Македонија2025 во 2020-та година, сѐ уште останува отворено прашање. Од една страна ги разгледуваме рестриктивните мерки, а од друга страна постои нашата желба и барањето на македонските компании за одржување на настанот. Набрзо ќе ја информираме јавноста и за тоа.  Би сакала да напоменам дека во моментов работиме и на голем број проекти, истражувања и анализи. За да бидете во тек со сите новости, следете нѐ на нашите социјални медиуми – Facebook, LinkedIn, Twitter, Instagram!

Сподели!
- Advertisement -