Анализа на злоупотребите на функционери кои фаворизираат компании што би им се оддолжиле по мандатот

- Advertisement -

Според извештајот на Транспаренси Интернешнл за 2020 година, Северна Македонија забележа пад од пет места во однос на борбата против корупцијата во споредба со претходната година и го зазема 111-тото од вкупно 180 земји. Во споредба со земјите од Западниот Балкан, покрај Босна и Херцеговина која има ист рејтинг, полош рејтинг има само Косово со 34 поени, а подобро рангирани се Албанија со 36 поени, Србија со 38 и Црна Гора со 45 поени.

Постојат повеќе причини кои директно или индиректно влијаат на индексот на корупција во една земја.  Една од причините е и феноменот на „revolving door“ односно „ротирачка врата“, што означува движење на лицата кои вршат највисоки извршни функции, останатите избрани и именувани лица, како и од страна на вработените во јавниот сектор кон работни места во приватниот сектор и обратно. Овој обостран проток на вработени помеѓу јавниот и приватниот сектор во последните години ги зголеми повиците на транспарентност и одговорност.

- Advertisement -

Ваквите злоупотреби можат да се манифестираат и преку неоправдан „поповолен третман“ на одредени деловни субјекти од регулаторите или споделување на сензитивни пазарни информации со кои располагаат регулаторите, а за возврат на истите да им биде ветено подоцнежно вработување, хонорарно ангажирање, стекнување на сопственост кај деловниот субјект што бил предмет на регулација или друг вид на корист.

Иако стекнувањето ваква корист е забранета со македонското законодавство, надлежните институции не спроведуваат активности за примена на овие законски одредби. Како резултат на тоа, стручната јавност забележува случаи каде што раководители на институции или на сектори во институции што вршеле надзор над конкретна стопанска гранка, непречено преминуваат во приватниот сектор како директори на стопански субјекти. Ова влијае штетно на конкуренцијата и на рамноправноста во пазарниот натпревар меѓу стопанските субјекти, односно предизвикува нелојална конкуренција на пазарот. Дополнително, создава и мотивација кај стопанските субјекти да ги корумпираат регулаторите, надзорните и инспекциските органи.

- Advertisement -

Овој проблем е анализиран во публикација издадена во рамки на проектот „Функционерите и бизнисот – мониторирај“ спроведуван од Асоцијацијата за развојни иницијативи – Зенит, а финансиран од Европската Унија преку проектот „Граѓански организации и медиуми против корупцијата – коалиција за нулта толеранција“.

Стеван Томовски, истражувач што работеше на публикацијата, објаснува: „Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) има недостиг од човечки ресурси, информатичка технологија и соработка со другите институции за да можат соодветно да вршат контрола на примената на овие законски одредби за спречување судир на интереси. Во оваа сфера, тие постапуваат по барање на други органи, но исклучително е мал бројот на барања поврзани со примената на релевантните законските ограничувања за поранешните службени лица да стапуваат во економски односи со субјекти кај кои вршеле надзор или со кои имале воспоставено каков било договорен однос при вршењето на јавните овластувања или должности.“

- Advertisement -

При истражувањето беше спроведена и анкета со претставници на 48 претпријатија, со цел да се види колку приватниот сектор е информиран за законските ограничувања за поранешните службени лица од јавниот сектор да стапуваат во економски односи со субјекти кај кои вршеле надзор или со кои имале воспоставено каков било договорен однос при вршењето на јавните овластувања или должности и да се види нивото на свесност на јавноста и претставниците на приватниот сектор за штетноста од ваквата „ротирачка врата“ меѓу јавниот и приватниот сектор.

Меѓу испитаните претпријатија има и поранешни министри/заменици министри, раководители во државни институции и вработени во регулаторни/инспекциски органи, како што е прикажано во табелата долу.

29% од испитаниците се изјасниле дека би биле исто толку успешни во нивната работа и без помошта на тоа/тие лице/а. 10% сметаа дека би биле успешни, но би потрошиле повеќе време и енергија и само 8% сметаат дека не би биле исто успешни доколку ја немаат помошта од наведеното лице.

За две третини од испитаниците нашето законодавство е недоволно јасно и дава можност за движење по неформални линии во постигнување на зацртаните цели, што носи поголема манипулација со законите и повеќе корупција. 27% го делат мислењето дека законодавството е такво што без помош од лица со врски и широки контакти не може ништо да се сработи. Само 4% сметаа дека во нашето законодавство постои јасна регулација која не дозволува движење по неформални линии.

Со цел подобро спречување и борба против судирот на интереси при економските активности на поранешните службени лице, се даваат следниве препораки:

  • Да се зајакнат активностите за информирање за законските ограничувањата што се однесуваат за активностите на поранешните службени лица (вклучително и  формално известување на новите службени лица за ограничувањата и потсетување за ограничувањата на службените лица на кои им престанува службата при примопредавање на должностите или со допис).
  • Да се воведе советување за законските ограничувањата што се однесуваат за активностите на поранешните службени лица (вклучително и со давање совети во оваа сфера кога ќе биде побарано од службените лица, воведување на овие аспекти во програмите за обука за интегритетот за службениците и за приватниот сектор).
  • Да се вклучат ограничувањата што се однесуваат на економските активностите на поранешните службени лица во формалните документи поврзани со приватниот сектор (на пр. во тендерската документација и договорите за јавни набавки).
  • Да се изградат институционални капацитети на ДКСК (човечки ресурси и информациски технологии), како и да се обезбеди нејзин непречен пристап до базите на податоци на други јавни институции[1] за да може да го следи почитувањето на забраната за вработување, застапување и стекнување акции и удели за поранешни службени лица.
  • За ефикасно следење на почитувањето на забраната за вработување, застапување и стекнување акции и удели за поранешни службени лица да се развие регистар на службени лица кои вршат надзор, регулирање или на друг начин влијаат на економските интереси на субјекти од приватниот сектор одредени стопански гранки и автоматско споредување дали тие лица се јавуваат меѓу нововработените лица од евиденцијата на Агенцијата за вработување, или се стекнуваат со акции евидентирани во Централниот депозитар на хартии од вредност, или пак се стекнуваат со сопственички удели евидентирани во Централниот регистар.
  • Да се дополни Законот за спречување корупција и судир на интереси со забрана за хонорарно ангажирање на поранешни службени лица од страна на субјекти кои имале економски интерес од одлуките или активностите на органот;
  • Да се пропише надомест за поранешни службени лица во периодот додека им трае забраната за вработување кај или застапување одредени правни лица од приватниот сектор.

    Фото-  AR on Unsplash
Сподели!
- Advertisement -