По шест месеци пауза, се отвораат угостителските објекти во Грција

- Advertisement -

По шест месеци пауза, поради карантинот и рестрикциите, од денеска се отвораат угостителските објекти во Грција, под посебни правила и протоколи, а полицискиот час ќе започнува од 23, наместо од 22 часот, јави дописничката на МИА од Атина.

Угостителските објекти ќе работат само во надворешните делови, без музика, со ограничено работно време до 22.45 часот, забрането е стоење, дозволено е најмногу шест лица на една маса, а масите треба да бидат на растојание од 0.90 до 1.80 см, во зависност од поставеноста на столчињата. Маската е задолжителна за персоналот, а постои силна препорака да ја користат и посетителите.

- Advertisement -

За вработените задолжителен е сеф тест, односно тест за домашна употреба два пати седмично, а трошоците за еден од тестовите ќе ги покрива државата.

Сопствениците, кои во изминатите денови интензивно работеа на подготовките за отворањето, како што вчера објави МИА, велат дека сѐ ќе биде подготвено, но и истакнуваат дека за нив, најважно е да не бидат повторно затворени.

- Advertisement -

Од почетокот на пандемијата, во изминатите 15 месеци, угостителите во Грција беа затворени вкупно осум месеци, два за време на првиот и шест за време на вториот карантин. Отворањето на угостителските објекти, не значи и крај на карантинот во земјата, воведен на 7 ноември 2020 година, со оглед на тоа дека и за одење на кафе/пијалак или во ресторан, граѓаните ќе треба да испратат смс порака, нешто што е веќе секојдневие во Грција во изминатите шест месеци.

Фото – Flickr

Сподели!
- Advertisement -