Швајцарска компанија создаде платформа за следење на пластичниот отпад во целиот свет

- Advertisement -

Компанијата Environmental Action (EA) со седиште во Женева, Швајцарија, лансираше дигитална датабаза со цел да се следи менаџирањето со пластичниот отпад во целиот свет. Новата платформа наречена Plasteax има за цел да ги направи транспарентни одговорностите на сите нас во поглед на загадувањето со пластика.

Иако пластичниот отпад го гледаме насекаде, особено во океаните, загадувањето со пластика е тешко да се измери. Секоја земја собира и рециклира различна количина пластика, па затоа е тешко да се идентификуваат слабостите во менаџирањето со отпадот и да се спречи пластиката да заврши во природата околу нас. Освен тоа, ако се придржуваме до сегашните обврски во однос на загадувањето, до 2040 година пластичниот отпад ќе се намали за само 7%, па токму затоа е итна потребата од следење на пластичниот отпад.

- Advertisement -

Крајната цел на платформата е да се понуди алатка за невладините организации, владите и индустриите кои сакаат да ја проценат ефективноста на мерките кои се преземаат и напредокот во борбата против загадувањето со пластика.

„Меѓународните договори за најитните еколошки проблеми како што е емисијата на стакленички гасови имаат потреба од солидна датабаза која можат да ја консултираат за постигнатиот напредок. Тоа е она што недостига во борбата против загадувањето со пластика и се надеваме дека Plasteax ќе помогне во остварувањето на таа мисија“ вели Сара Переард, соосновач на Plasteax.

- Advertisement -

Овој проект во соработка со Меѓународната унија за зачувување на природата и Програмата за животна средина на Обединетите нации се состои од собирање и стандардизирање на достапните информации за меѓународната трговија со пластични производи и отпад, производството во секоја земја, податоци за собирањето на пластичниот отпад, како и за рециклирањето и складирањето на отпадот.

Датабазата вклучува информации за сите видови полимери (PET, PVC, полиестер итн.). РЕзултатот е детален извештај за отпечатокот кој го остава секоја земја и за секој тип на пластика, како и индекс за лошо менаџираниот отпад (MWI). Тоа го зема предвид отпадот кој не е собран и не е соодветно фрлен, како на пример на несанитарна депонија каде што има истекување на гасови. Иако Швајцарија е високо рангирана според MWI, со резултат од околу 1%, податоците од Plasteax покажуваат дека 900 тони пластика завршуваат во природата во Швајцарија.

- Advertisement -

Компилацијата на сите тие информации има своја цена. Податоците за некои земји се добиени од влади, од невладини организации, од приватниот сектор, но буџетите кои се планирани не ги покриваат сите инвестиции кои се потребни за собирање на сите информации за датабазата. Всушност, најголем дел од земјите во светот имаат само генерални податоци. Освен тоа, пристапот до детални информации за некои земји чини многу пари, а трошоците за тоа не се целосно поркиени. Тоа е особено случај со САД, Европската унија, Кина и Швајцарија.

Понатаму, во оваа првична верзија од Plasteax не се земени предвид одредени видови пластичен отпад како што е микропластиката и директното фрлање на отпадот во природата, главно затоа што последното е тешко да се измери.

„Планираме наскоро во Plasteax да го додадеме фрлањето отпад во природа од страна на поединци. Работиме со неколку партнери за развој на тој модел и за генерирање на податоци и нивно интегрирање во платформата“ вели Жилиен Буше, соосновач на Plasteax.

(Geneva Solutions)

(фото: )

Сподели!
- Advertisement -