ТТК Банка и Халк Банка се стекнаа со сертификатот „Фер финансиски услуги за потрошувачите“, кој претставува потврда дека банките се ориентирани кон почитување на правата на потрошувачите и дека посветено се грижат за задоволството на потрошувачите во сите области на делувањетo.
Како што информираат од Организацијата на потрошувачи, сертификатот „Фер финансиски услуги за потрошувачите“ се доделува заради исполнетоста на критериумите во шест одделни области кои се битни за потрошувачите, а се однесуваат на: обезбедување точни, недвосмислени, разбирливи и навремени информации, примена на чесни пазарни практики, овозможена комуникација и пристап кон банката за различни категории лица, воспоставен систем за одговорно управување со поплаки од потрошувачите, како и едукација на потрошувачите и развој на финансиската писменост.
-Задоволство ни е да го поздравиме пристапувањето на ТТК Банка и Халк Банка кон процесот на сертификација. Во сите наведени области овие банки ги исполнија условите и се стекнува со сертификатот – Фер Финансиски услуги за потрошувачите. Сертификатот ја верификува обврзаноста на ТТК Банка и на Халк Банка да негуваат примерен однос кон потрошувачите, а со тоа да придонесат кон нивната доверба и задоволство, истакнува претседателката на ОПМ, Маријана Лончар Велкова.
Сертификатот го доделува Организацијата на потрошувачите на Македонија врз доброволна основа. Проектот е спроведуван од ОПМ, а финансиран од oперативен грант од Програма за потрошувачи на Европската унија (2014-2020) преку Европската организација на потрошувачите (BEUC).
(МИА)
(фото: opm.org)